1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На аеродром повторно само со 100мл течност

АРД
23 август 2024

На аеродромите во Германија и Европа повторно се заострува правилото за носење течности во рачниот багаж. Причината е недовербата на ЕУ во модерните КТ-скенери кои требаше да го забрзаат протокот на патници.

https://p.dw.com/p/4jooP
Германија Аеродром
Повторно се заоструваат правилата за течности во рачниот багаж на аеродромитеФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Од септември годинава патниците повторно ќе мора да ја ограничат количината на течности која ја носат во рачниот багаж за време на летовите од Германија, соопштија аеродромските власти и сојузната полиција. Иако во меѓувреме бројни аеродроми се опремени со современи КТ скенери, во Франкфурт, на пример, повторно ќе смеете да пренесете максимално 100 милилитри течност.

Притоа, како и досега, течноста ќе мора да биде спакувана во проѕирни пластични кеси со максимален волумен од еден литар. Добрата вест е дека сепак, течностите можат да останат во рачниот багаж за време на проверката. 

Аеродром Кеси
Течноста ќе мора да биде спакувана во проѕирни пластични кеси со максимален волумен од еден литар. Фотографија: picture-alliance/dpa

Причината за заострувањето на мерките е во новите безбедносни правила на ЕУ за аеродромите. ЕУ со недоверба гледа во веродостојноста на новите скенери на багаж. Со тоа, поголемите шишиња со течност во рачниот багаж повторно се забранети, а помалите не мора ни да се вадат од торбата за време на контролата. И електронските уреди можат и натаму да останат во багажот. 

КТ-скенерите требаше да ги забрзаат контролите  

Правилото за дозволено количество течности во рачниот багаж беше воведено во 2006 година, но не важеше на германските аеродроми кои имаа современи КТ-скенери. Овие скенери ја користат истата технологија како и медицинските апарати за компјутерска томографија (КТ), и можат за неколку секунди да направат тридимензионална слика на багажот со сета негова внатрешна содржина. 

Со воведувањето на модерните КТ-скенери аеродромите ширум светот сакаа да ги забрзаат безбедносните контроли и да му ја олеснат работата на персоналот. Аеродромот во Франкфурт беше модернизиран во јули годинава и беа стационирани десетина нови КТ-скенери.

Но, новите правила повторно ја враќаат работата на почеток. Оттука, од здружението на аеродромите во Германија бараат од надлежните во ЕУ и во нивната земја што побрзо да направат анализа на новата технологија и да предложат решенија за забрзување на протокот на патници. 

И натаму хаос на германските аеродроми

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема