1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Медведев ја брани и оправдува војната

СН/агенции
27 август 2022

Русија ќе ја продолжи својата воена кампања во Украина додека не ги постигне своите цели, изјави поранешниот шеф на државата. Ни откажување на Киев од членството во НАТО сега не е доволно за мир, порача Дмитри Медведев.

https://p.dw.com/p/4G81O
Поранешниот претседател Медведев, сега заменик на претседателот во рускиот Совет за безбедност
Поранешниот руски претседател Медведев, сега е потпретседател на Совет за безбедност на земјатаФотографија: Yekaterina Shtukina/ITAR-TASS/IMAGO

Поранешниот руски претседател Дмитри Медведев ја оправда воената агресија против Украина во интервју за француска телевизија. Тој притоа не даде надеж дека оружјето наскоро ќе замолкне. 

Најблискиот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека Москва нема да ја запре својата „специјална воена операција“ во Украина дури и ако Киев официјално се откаже од своите стремежи да се приклучи кон НАТО.

Медведев, кој беше шеф на руската држава од 2008 до 2012 година, во интервју за француската телевизија ЛЦИ, рече оти Русија е подготвена да преговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски под одредени услови.

Пред инвазијата  врз Украина во февруари, Москва јасно стави до знаење дека членството на Украина во НАТО за неа е неприфатливо.

„Откажувањето од учеството во Организацијата на Северноатлантскиот договор сега е од витално значење, но е недоволно за воспоставување мир“, изјави Медведев за ЛЦИ во цитати кои ги пренесоа руските новински агенции.

Експлозии во Северодоњецк во мај 2022: Војната во Украина беснее повеќе од половина година
Експлозии во Северодоњецк во мај 2022: Војната во Украина беснее повеќе од половина годинаФотографија: Aris Messinis/AFP

Русија, рече тој, ќе ја продолжи кампањата додека не ги постигне своите цели. Путин вели дека сака да ја „деназифицира“ Украина. Киев и Запад велат дека тоа е неоснован изговор за освојувачка војна.

Од почетокот на инвазијата Русија и Украина одржаа неколку круга преговори, но не постигнаа напредок и има мали изгледи за нивно продолжување.

„Тие (разговорите) ќе зависат од тоа како ќе се одвиваат настаните. Бевме подготвени за средба (со Зеленски) и претходно“, рече Медведев.

Во своите коментари тој рече дека американското оружје кое е веќе испорачано во Украина, како повеќецевните ракетни фрлачи ХИМАРС, сè уште не претставува значителна закана.

Но, тоа може да се промени, рече тој, ако оружјето што го испраќа САД може да погоди цели на поголеми растојанија.

„Тоа значи, кога овој вид проектили летаат 70 километри, тоа е една работа. Но, кога летаат 300-400 километри, тоа е друго, тогаш тоа би било директна закана за територијата на Руската Федерација“, рече Медведев.