1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Михаил Касјанов прогласен за „странски агент“

Јенс Јенсен
25 ноември 2023

Поранешниот руски премиер Михаил Касјанов некогаш беше дел од оние кои ја имаа моќта во Русија. Потоа сѐ повеќе отстапуваше од официјалната линија, а сега доби печат на „странски агент“.

https://p.dw.com/p/4ZRBs
Михаил Касјанов | поранешен премиер на Русија
Отворен критичар на руската војна против Украина: Михаил Касјанов (на фотографијата во 2015 година во Москва)Фотографија: Sefa Karacan/AA/picture alliance

Поранешниот руски премиер и сегашен опозиционер во егзил Михаил Касјанов е класифициран како „странски агент“ од страна на властите во Москва. Касјанов, кој е на страната на владата во Киев во војната во Украина, беше ставен на соодветната листа од руското Министерство за правда.

Министерството го обвинува Касјанов дека се спротивставил на „специјалната воена операција во Украина“. Тој, исто така, припаѓа на „Рускиот антивоен комитет“, чии активности се насочени кон „дискредитација на руската надворешна и внатрешна политика“. Комитетот беше основан минатата година од руски опозиционери. Еден од иницијаторите беше поранешниот олигарх Михаил Ходорковски, кој денес живее во егзил.

Спречена кандидатура

Касјанов беше премиер на Русија од 2000 до 2004 година. Потоа ѝ се приклучи на опозицијата и стана истакнат критичар на Кремљ. Во 2008 година сакаше да се кандидира за претседателските избори,но не беше примен поради наводни лажни потписи од неговите поддржувачи.

Во 2022 година, Касјанов отиде во егзил. Тој тоа го образложи со руската агресивна војна против Украина. Притоа, не даде информација за местото на кое што се наоѓа.

Класификацијата како „странски агент“ резултира со строги барања за институции, организации или поединци. Меѓу другото, тие мора да ги откријат своите извори на финансирање. Освен тоа, обврзани се соодветно да ги означат публикациите. Тоа важи и за записи на онлајн мрежи. Засегнатите невладини организации се жалат дека Русите, по класификацијата, им завртеле грб од страв да не бидат обвинети за соработка со „странски агенти“.