1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доброволно служење војска - да или не?

ДТЗ
11 јули 2024

„Има луѓе кои би сакале да служат воена обврска доброволно, зошто тоа да не го овозможиме?“, вели Гордана Сиљановска Давкова. Таква можност во АРМ има, но доброволната војска е неатрактивна за младите.

https://p.dw.com/p/4iA25
Гордана Сиљановска – Давкова
Врховниот командант на вооружените сили, претседателката Гордана Сиљановска – Давкова предлага да се покрене дискусија за доброволно одење во војскаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Врховниот командант на вооружените сили, претседателката Гордана Сиљановска Давкова предлага да се покрене дискусија за доброволно одење во војска. Таа смета дека можеби би требало да се размислува да им се овозможи на младите луѓе кои би сакале на доброволна основа да служат воена обврска.

„Дел од младите луѓе имаат желба како некогаш да бидат дел не само од професионална армија, туку доброволно во вооружените сили, можеби би требало за тоа да поразговараме. Независно која би била одлуката по дискусијата, ова што го видовме ни дава чувство за безбедност“, рече претседателката во Охрид, каде присуствуваше на показната вежба на припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили кои изведуваат обука во Кампот за обука на вода на Охридското Езеро.

Нејзиниот став е дека треба да се размислува во таа насока, да се иницира дискусија, да се чујат експертите по прашањето. 

„Има луѓе кои би сакале да служат воена обврска, доброволно, зошто тоа да не го овозможиме? Мислам дека тогаш и односот кон армијата ќе биде попозитивен. Треба да се отвори темата, да се разговара, треба да се слушнат аргументите, да се тестира расположението кај луѓето“, рече Давкова. Најави дека на оваа тема ќе има разговори и консултации со началникот на Генералштабот. 

Од СДСМ, пак, ја критикуваат претседателката дека нема доволно познавање од областите кои се во нејзина надлежност, бидејќи доброволно служење воек рок одамна постои. „Според Законот за Армија, воената служба на граѓаните се состои од доброволно служење на воен рок и служба во резервните сили на Армијата“, велат од СДСМ. 

„Недоволно атрактивно за младите“

Извори од АРМ за ДВ велат дека постои законска можност за доброволно служење воен рок, но со законските измени во 2020 година за влегување во состав на армијата, без задолжителен тримесечен доброволен курс, оваа опција стана недоволно атрактивна за младите. 

Што се однесува до враќањето за задолжителниот воен рок - поранешниот претседател Стево Пендаровски и поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска во неколку наврати порачаа дека земјата не размислува за оваа опција. 

армија, војници
Доброволно служење војска - да или не?Фотографија: MIA

„Првенствено немаме зголемена безбедносна закана, за да го враќаме служењето на воениот рок. Тоа ќе значи вложување на многу дополнителни финансиски средства и, што е уште поважно, тоа ќе значи дека младите од 18 години нема да можат да бидат активни на пазарот на труд во тој период, ниту пак да го продолжат навремено образовниот процес“, изјави Петровска во интервју за агенцијата МИА во февруари годинава. 

Нејзините укажувања беа дека кога станува збор за враќањето на воениот рок, мора да се знаат и последиците.

Поинакво мислење има началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски. Тој во 2022 година во телевизиска емисија изнесе лично мислење дека, според него, задолжителното служење воен рок треба да се врати како обврска. „Категорично ќе кажам да, има потреба. Знам дека на одредена популација можеби ова нема да им е популарна мерка. Има потреба од причина што 3 или 4 месеци служење на задолжителен воен рок, пример, за машката популација, доколку се воведе, не мора да стартува веднаш. Може првите година, две да бидат преодни, па да се започне од 2025 година на пример. Зошто да не и женскиот пол, доброволно, да може да служи три месеци воен рок“, изјави Ѓурчиновски во септември 2022 година. Тој смета дека на тој начин би добиле оспособување на кадрите за какви било можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. 

македонски војници на границата кон Грција
„Според Законот за Армија, воената служба на граѓаните се состои од доброволно служење на воен рок и служба во резервните сили на Армијата“, велат од СДСМ (фото: македонски војници на границата кон Грција)Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Дебати за воениот рок

Прашањето се покренува во период кога и во Европа се водат дебати околу тоа дали треба да се врати и задолжнителниот воен рок, во време на сериозни безбеднисни ризици со коишто се соочува регионот. 

Шведска, на пример, ја укина обврската за служење воен рок во 2010 година, но повторно ја воведе седум години подоцна поради руската анексија на Крим. Се регрутираат само оние млади лица кои се подготвени да служат војска. Тоа значи дека постои обврска за пријавување, но самото служење е фактички доброволно. И во Данска има обврска за служење воен рок од 18 години, но досега само за мажи. Жени треба да бидат регрутирани од 2026 година. Освен тоа, треба да биде продолжено времетраењето на основната обука од четири на единаесет месеци. Слично како и во Шведска, само дел од генерацијата се регрутира затоа што има доволно доброволци.

По долги дебати, опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на својот конгрес сепак изгласа постепено враќање на обврската за воен рок во Германија. Според таквиот концепт, младите би морале на одредено време да служат во армијата, или социјално да се ангажираат. Обврската беше укината во 2011 година.

Задолжителен воен рок?

И жени во армијата

Во Австрија, пак, мажите меѓу 18 и 35 години служат шестмесечна основна обука, ако претходно треба да поминат на систематски преглед. Кој не сака да служи поради причини на совеста, може да служи девет месеци социјална работа. Жените служат само ако доброволно се пријават.

Во Грција, сите мажи на возраст од 18 и 45 години имаат обврска за служење на воен рок. Службата трае 12 месеци.Исклучоци има според местото на служење и единицата. Служењето воен рок е пократко ако се служи на граница или во специјални единици. И лица од семејства со повеќе деца служат пократок рок. Алтернативата е цивилна служба која трае двојно подолго. Во иднина треба да има и доброволно служење воен рок за жени.  Што се однесува до Турција - таа има има една специфика - лицата обврзани да служат воен рок може да платат 5 илјади евра за да го скратат воениот рок за четири недели. Нема опција да се одбие служењето војска.