1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Газа: Израел и Хамас подготвени за подолг прекин на огнот

ЖА
27 ноември 2023

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и терористичкиот Хамас најавија спремност за продолжување на прекинот на огнот. Се очекува повторно ослободување на заложници од страна на Хамас денеска.

https://p.dw.com/p/4ZTXM
Возила на ОН во Појасот Газа
Возила на ОН во Појасот ГазаФотографија: Ibraheem Abu Mustafa/REUTERS

Договорот за прекин на огнот предвидува можност паузата во воените операции да биде продолжена со ослободување на натамошни десет заложници дневно, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по разговорот кој го водел со американскиот претседател Џо Бајден. Но, по паузата, борбите повторно ќе продолжат, по истекот на договорот за прекин на огнот, Израел ќе продолжи да ги остварува своите цели во војната против Хамас „со целата своја сила“, истакнал Нетанјаху. 

И терористичката организација Хамас стреми кон пролонгирање на прекинот на огнот, како што е соопштено од нејзина страна. Целта е со размена на Израелците кои Хамас ги држи како заложници, од затвор да излезат уште повеќе палестински затвореници од израелските затвори, соопшти милитантно-исламистичката организација.

Заложници Израел
Повторно заедно по 50 дена заложништво - 2,5 и 4,5 годишните Авив и Раз и нивната мајка Дорон се најдоа во прегратката на таткото Јони, ИзраелФотографија: Schneider Children's Medical Center/REUTERS

Американскиот претседател Џо Бајден претходно на прес конференција изрази надеж за продолжување на прекинот на борбите во Појасот Газа, што би довело до ослободување на уште повеќе заложници и би овозможило доставување поголема хуманитарна помош за населението во Газа. Тој ќе продолжи со соработка со Катар, Египет и Израел во напорите за ослободување на сите заложници, истакна Бајден. „Доказ дека тоа функционира и се исплатува е секоја насмевка, секоја солза на благодарност која ја гледаме на лицата на фамилиите кои конечно повторно се заедно“, рече Бајден.

Прекинот на огнот  меѓу Израел и Хамас, кој започна во петокот, а беше издејствуван  со посредство на Катар,  првично беше ограничен на четири дена, со опција за продолжување до десет дена. Во неделата беа ослободени 17 заложници од рацете на Хамас, а за возврат израелските затвори ги напуштија 39 палестински затвореници. Со тоа, Хамас во првите три дена од договорот ослободи 40 израелски заложници, а Израел отпушти од затвор 117 Палестинци.

За денеска (27.11.2023) се очекува ослободување на уште десет киднапирани Израелци. Израел смета дека во рацете на терористите од радикално-исламистичкиот Хамас се наоѓаат уште околу 180 заложници.