1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Кореја

Почина екс шефот на одделот за пропаганда во Северна Кореја

ЕМФ / дпа
8 мај 2024

Ким Ки Нам беше долгогодишен шеф на партискиот оддел за пропаганда и агитација во Северна Кореја. Во Јужна Кореја го нарекуваа „севернокорејски Гебелс“.

https://p.dw.com/p/4fc5j
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун се поклонува пред одарот на починатиот Ким Ки Нам
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун се поклонува пред одарот на починатиот Ким Ки НамФотографија: Yonhap/picture alliance

Долгогодишниот шеф на партискиот оддел за пропаганда на Северна Кореја, Ким Ки Нам, почина на 94-годишна возраст од старост и повеќекратно откажување на органите, објавија денеска (8.05) државните севернорејски медиуми. Како директор на одделот за пропаганда и агитација на владејачката Работничка партија, Ким служеше под тројца владетели. Ким некогаш беше озлогласен во Јужна Кореја, каде што го споредуваа со нацистичкиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс и затоа го нарекуваа и „севернокорејски Гебелс“.

Според досегашните информации, за починатиот се подготвува државен погреб. Водачот Ким Јонг Ун го посетил одарот со поранешниот партиски секретар и „херој на трудот“ за да го изрази своето искрено сочувство. Ким Ки Нам одигра „извонредна улога во создавањето на монолитниот систем на лидерство на заслужниот другар Ким Јонг Ун“, се вели во Пјонгјанг. Ким Јонг Ун е внук на „вечниот претседател“ Ким Ил Сунг и син на поранешниот владетел Ким Јонг Ил, кој почина на крајот на 2011 година.

Ким Ки Нам служеше во партиската централа повеќе од четири децении, напишаа ушште за време на неговиот живот експертите на веб-страницата Северна Кореја Лидершип Воч. Според нив, тој имал огромно влијание „на печатот, медиумите, ликовната уметност и издавачката индустрија на земјата“. Тој, исто така, одигра водечка улога во одобрувањето или пишувањето есеи, слогани и други медиумски производи за поддршка на наследувањето на власта.