1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин во посета на Виетнам

ЕМФ | агенции
20 јуни 2024

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Виетнам, каде беше пречекан со воени почести. Претходно, во Северна Кореја, склучи пакт за одбрана со Пјонгјанг.

https://p.dw.com/p/4hHTX
Рускиот претседател Владимир Путин пристигнува во Виетнам
Рускиот претседател Владимир Путин пристигнува во ВиетнамФотографија: /Minh Hoang/AP Photo/picture alliance

Виетнам сака да ги зајакне врските со Русија, изјави денеска (20.06) виетнамскиот претседател То Лам на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин во Ханој. Лам му честиташе на Путин за неговиот реизбор и ги пофали достигнувањата на Русија, вклучително и „домашната политичка стабилност“.

Путин во Ханој беше пречекан со воени почести, но не толку високи како што тоа беше случај во Северна Кореја, каде беше лично пречекан од лидерот Ким Јонг Ун.

Северна Кореја и Русија договорија пакт за меѓусебна одбрана

Според информациите на севернокорејската државна новинска агенција КЦНА по самитотмеѓу севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин во Пјонгјанг, Северна Кореја и Русија се обврзале да си пружат воена помош во случај на напад. Двете земји, како што се вели, меѓусебно се увериле дека ќе си ја пружат „сета можна воена и друга поддршка“ во случај на вооружен напад. Тие, исто така, се договориле да не склучуваат никакви договори со трети земји кои би можеле да им наштетат на интересите на партнерот. Освен тоа, ниту една од државите нема да дозволи нејзината територија да се користи за загрозување на безбедноста и суверенитетот на другата.

Владимир Путин и Ким Јонг Ун
Северна Кореја и Русија се обврзале да си пружат воена помош во случај на напад (фото: лидерите на двете земји Владимир Путин и Ким Јонг Ун)Фотографија: GAVRIIL GRIGOROV/AFP/Getty Images

Од Пјонгјанг се вели дека договорот за сеопфатно стратешко партнерство ја регулира и соработката во области како што се нуклеарната енергија, вселенските патувања и безбедноста на храната и енергијата.