Предупредувања од терор на Исламска држава во Европа
26 март 2024Пред неполни три недели обвинителството во Брисел објави дека е спречен голем терористички напад врз концертен настан во градот.
Четири лица, од кои три малолетни, беа уапсени под осоновано сомнение дека планирале сериозен напад „во следните неколку недели“ кој требало да однесе што е можно повеќе жртви. Според јавното обвинителство, „пример“ бил нападот на исламистичките терористи врз клубот „Батаклан“ во Париз, во ноември 2015 година.
Бројот на такви осомничени терористички активности нагло се зголеми во Белгија од големиот терористички напад на Хамас врз Израел и последователната израелска воена операција во Појасот Газа. Државниот Центар за анализа на закани (ЦУТА) на почетокот на март во Брисел објави дека бројот на потенцијални терористички акти е зголемен за 41 отсто. Во 2023 година се регистрирани 332 инциденти. Во 2022 година имало 236.
Франција во највисок степен на тревога
Од последниот терористички напад на 16 октомври 2023 година, во Белгија владее трето ниво на тревога за тероризам на скалата од четири нивоа. Во тоа време, осамен исламистички сторител уби двајца шведски државјани.
Степенот на тревога за тероризам нема да се промени по нападот во Москва, објави ЦУТА. Заканата останува и натаму висока, но не е зголемена како последица на нападот во Москва, за кој одговорноста ја презеде таканаречената Исламска држава (ИД).
Француската влада на тоа гледа поинаку. Во Франција, највисоко ниво на тревога беше прогласено „како мерка на претпазливост“, рече францускиот претседател Емануел Макрон за време на патувањето во Француска Гвајана.
Макрон смета дека нападот во Москва го извршила таканаречената Исламска држава. „Оваа конкретна група, која се чини дека е вклучена во нападот, имаше неколку обиди (за напади) на наша територија во последните месеци“, рече Емануел Макрон, цитирајќи ги наодите на домашните и странските разузнавачки служби.
Фезер: Германските власти се будни
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер не гледа причина да се подигне нивото на тревога по нападот во Москва, во кој загинаа најмалку 137 лица. Заканата од авганистанскиот огранок на Исламска држава-Хоросан (ИД-Х или ИД-К) веќе постоеше.
„ИД-К во моментов е најголемата исламистичка закана во Германија. Нашите безбедносни власти се многу будни и долго време ја следат терористичката група“, изјави министерката Фезер за „Зиддојче цајтунг“.
Околу Божиќ 2023 година, станаа познати плановите за напади поврзани со катедралата во Келн, катедралата Свети Стефан во Виена и цел во Мадрид. Ненси Фезер кон крајот на минатата година изјави дека заканата нагло се зголемила по терористичките напади на Хамас против Израел кои започнаа на 7 октомври.
Само минатата недела во германскиот град Гера беа уапсени две лица, за кои се вели дека планирале за ИСПК напад врз шведскиот парламент. Се вели дека германските полициски власти веќе спречиле голем напад врз американски воени објекти во Германија во 2020 година.
Во Шведска и во Данска, по јавните палења на Куранот, кои беа критикувани како исламофобни, воведени се повисоки нивоа на безбедност и предупредувања. Војната меѓу Хамас и Израел дополнително ја влоши ситуацијата, се вели во соопштението на Данската тајна служба (ПЕТ).
„Конфликтот има значителен потенцијал за радикализација и за мобилизација, што може да доведе до планирано или спонтано дејствување на можни актери во Данска, а тоа вклучува и терористички напади“, се вели во соопштението.
Исламската држава би можела да нападне во Западна Европа
Таканаречената Исламска држава провинција Хорасан (ИСПК) се состои од околу 1.000 следбеници и е формирана во Авганистан во 2015 година. Според истражувачот за тероризам Питер Р. Нојман од Кралскиот колеџ во Лондон, ИСПК е „веројатно единствениот огранок на ИД во моментов способен да изврши голем, координиран напад на Запад“.
Негова мотивација не била само исламистичката идеологија, туку и конкуренцијата за доминација во исламистичкиот табор, напиша Петер Р. Нојман.
Борбата против тероризмот е одговорност на поединечни земји членки на ЕУ. Постојат голем број на комисии во кои се разменуваат информации и се координираат мерките за пребарување.
Една од овие институции е европската полициска агенција Европол во Хаг, Холандија. И тука се забележува зголемување на терористичките активности на европско тло.
Бројот на извршени напади во 2022 година беше 16 во седум различни земји членки. Италија забележала најмногу напади -12, иако сите имале радикално левичарско или анархистичко потекло.
Во 2022 година имаше два исламистички напада во ЕУ. Сепак, повеќе од 300 луѓе беа уапсени за планирање исламистички напади, главно во Франција. Еден напад имаше радикално десничарски мотиви. Бројот на напади е драстично намален од 2017 година, со над 200 напади во тој период. Сепак, Европол очекува бројките повторно да се зголемат од 2023 година.