Писториус изрази „длабок восхит“ за борбата на Украина
21 ноември 2023Германскиот министер за одбрана Борис Писториус пристигна во Украина, во втора официјална посета на таа земја во текот на неговиот мандат. Тој рече дека сака да вети натамошна поддршка, но и да изрази солидарност, „длабока поврзаност“ и „восхит“ за „храбрата борба со големи загуби“ што се води таму.
Положувајќи цвеќе на импровизираниот споменик за голем број демонстранти убиени за време на протестите на Мајдан, Писториус рече: „Храбри луѓе од сите возрасти излегоа на улиците за слобода, за зближување со Европа и платија за тоа со своите животи“. Тримесечните протести почнаа пред точно десет години. Тие на крајот доведоа до соборување на украинскиот претседател Виктор Јанукович, кој беше близок со Русија.
Анексија, сепаратизам, војна
Потоа Русија го окупираше црноморскиот полуостров Крим и го анектираше во 2014 година. Во источните украински региони Доњецк и Луганск, Москва ги поддржа наводните сепаратисти кои употребија вооружена сила за да стават поголеми области под руска контрола. Во февруари 2022 година конечно започна руската војна која трае до денес.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги опиша протестите на плоштадот Мајдан како „прва победа“ во војната против Русија. „Пред десет години ја извршивме нашата прва контраофанзива“, изјави Зеленски во видео-порака. Оваа борба се водеше против беззаконието, немањето слобода и за европска иднина, оцени украинскиот претседател.
Посета од Брисел
Во меѓувреме, во Киев пристигна и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, за да ја нагласи солидарноста на Европската унија. Украина има за цел да се приклучи во ЕУ што е можно поскоро. Европската комисија препорача 27-те земји-членки да започнат разговори за пристап со земјата веднаш штом ќе се спроведат одредени реформски барања.
Во Киев во понеделникот (20.11) беше американскиот министер за одбрана Лојд Остин. САД се главниот снабдувач на Украина со оружје во нејзината одбранбена борба. На второ место следи Германија. За време на неговата прва посета во февруари годинава, Писториус вети повеќе од 100 тенкови Леопард 1А5, кои треба да бидат испорачани во повеќе фази најдоцна до јули