1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писмо на западни политичари за Србија: Повеќе од лобирање?

Ивица Петровиќ
9 август 2023

Писмото од западните политичари со кое се бара построга политика кон Србија во контекст на Косово, во Белград се оценува како „вообичаена лобистичка активност“. Работата е посериозна, велат спрски аналитичари.

https://p.dw.com/p/4UwBE
Премиерката и претседателот на Србија, Ана Брнабиќ и Александар Вучиќ
Премиерката и претседателот на Србија, Ана Брнабиќ и Александар Вучиќ (архивска фотографија)Фотографија: MiloÅ¡ MiÅ¡kov/AA/picture alliance

Државниот врв на Србија реагираше воздржано на писмото на западните политичари упатено до претставници на САД, ЕУ, Велика Британија, но и до специјалните претставници на САД, ЕУ и на Велика Британија за Западен Балкан. Прв одговор од српскиот државен врв, беше реакцијата на премиерката Ана Брнабиќ, која оценува дека писмото е „многу добредојдено, бидејќи е жив доказ дека косовскиот премиер Курти навистина ужива целосна поддршка и охрабрување за поткопување на мирот и стабилноста во Балканот“.

Коментирајќи го писмото, српскиот претседател Александар Вучиќ нагласи дека според потписниците на писмото, тој е „виновен што не ја признал независноста на Косово и е виновен што се грижи за правата на Србите во Црна Гора и во Република Српска“. Вучиќ вели дека „веќе 11 години чита дека нема да може да седне на две-три столчиња, но ние водиме политика на европскиот пат, без да се откажеме од нашите традиционални пријатели и јас сум горд на таквата политика“.

Вучиќ како неточни ги наведе и тврдењата дека веќе го избегнуваат во кабинетите на европските политичари и нагласи дека тој ретко кого и го повикува, освен ако тоа не е во интерес на Србија. Кога станува збор за потписот на украинскиот парламентарец во тоа писмо, претседателот на Србија вели дека „Украина е пријателска земја и мислам дека претседателот Зеленски е доволно мудар да знае дека Украина со признавањето на Косово ќе го загуби својот политички кредибилитет за еден ден“.

(Не)важна лобирачка активност

Писмото со кое се бара построга политика кон Србија во контекст на Косово и се бара еднаков третман на српската и албанската страна, во Белград инаку беше оценето како дел од вообичаената лобистичка активност и се смета дека тоа не треба да предизвикува преголема загриженост кај властите во Србија. Меѓутоа, соговорниците на ДВ посочуваат дека писмото сепак треба многу посериозно да се третира.

Претседателот на комисијата за надворешна политика на Бундестагот, социјалдемократот Михаел Рот
Еден од потписниците на писмото е претседателот на комисијата за надворешна политика на Бундестагот, социјалдемократот Михаел РотФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Писмото секако е резултат на лобирање, вели за ДВ Сузана Грубјешиќ, потпретседател на Центарот за надворешна политика, „но тоа сега го наметнува прашањето зошто српската страна не направи нешто слично. Ако албанската страна успеала да ги излобира сите тие потписници, зошто ние не успеавме да собереме толку силен тим што ќе напише нешто и ќе го испрати до претставниците во корист на Србија? Секогаш ми е поголем проблем не зошто Србија нема некои капацитети, туку зошто некој друг има“, истакнува нашата соговорничка.

Необичен потпис на Украина

Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ за ДВ забележува дека „тука станува збор за многу релевантни западни политичари, кои можат да придонесат за влошување на курсот во однос на Србија. Станува збор за пристрасно писмо, во кое се бара од Србија да исполни сѐ, а одговорноста на Албанците целосно се занемарува. Но, сериозноста на тимот кој стои зад него не треба да се потцени, бидејќи тоа може да има крајно негативно да се одрази на позицијата на Србија“, смета Анѓелковиќ.

Аналитичарите во Белград го оценуваат како особено интересен фактот што и претставници на Украина го потпишаа писмото. Како придружна вест во српските медиуми се појавија изјавите на претседателот на Комисијата за надворешни работи на украинскиот парламент, Олександр Мережко, во кој се наведува дека „во Киев се разговара за признавање на Косово или барем отворање канцеларија за врски во Приштина како одговор на поддршка на Косово за Украина“.

„Мислам дека признавањето на Косово би било лошо за Украина“, оценува Сузана Грубјешиќ, „бидејќи следниот чекор би можел да биде Украина да ја препознае реалната ситуација на теренот. Очигледно, убедувањето на петте членки на ЕУ кои не го признаа Косово не оди според планот и сега на сето тоа се додава и земја која е во војна и чиј дел од територијата е под окупација“, вели Грубјешиќ.

Александар Вучиќ и Володимир Зеленски во Молдавија, на самитот на Европската политичка заедница
Вучиќ и Зеленски за првпат се сретнаа во јуни годинава во Молдавија, на самитот на Европската политичка заедницаФотографија: Vladislav Culiomza/REUTERS


Како можеби најостар предлог во писмото се нагласува дека Косово е независно и дека секоја опструкција на тамошните избори од страна на Србија треба да се критикува како надворешно мешање. Драгомир Анѓелковиќ укажува дека „така е од гледна точка на земјите кои го признале Косово, но оти има многу кои не го признаа Косово. Тоа не е независно ни за Украинците, кои, исто така, го потпишаа тоа писмо. Затоа овој украински потпис е крајно необичен, со оглед на тоа што тврдат дека е загрозен и нивниот територијален интегритет“, нагласува Анѓелковиќ.

Вучиќ лобира на погрешни места

Во својата реакција, лидерот на партијата Србија Центар, Здравко Понош, оцени дека „писмото е резултат на успешното албанско лобирање, додека Вучиќ се чини дека времето го поминал лобирајќи на Пинк, кај патријархот Порфириј и кај Додик“. Драгомир Анѓелковиќ смета дека ова е прецизна дијагноза на ситуацијата и она што го прави српската дипломатија:

„Нашите структури лобираат само за себе. Мислам дека Вучиќ лобира за себе лично, бидејќи води лична партиска, а не државна политика. Државата е злоупотребена и се занимава со кревање на рејтингот на властите и со лобирање за нивните интереси во светот. Но, колку што ова писмо е штетно за земјата, толку може да биде корисно за Вучиќ: за пропагандни цели ќе го претстави како притисок од Западот врз него затоа што ги брани српските интереси, иако тој самиот се согласил на сѐ што Западот бара во однос на Косово“, вели Анѓелковиќ.

Лобирањето е хроничен проблем во Србија, забележува Сузана Грубјешиќ, „бидејќи овде перцепцијата е дека лобирањето е само губење огромни пари. Сега ангажиравме две американски агенции, но ако видиме дека нема резултати, тоа очигледно е мала сума пари за драматично да се сменат работите. Требаше сериозно да се посветиме на лобирањето, барем колку што на тоа се посветија косовските Албанци во последните години“, оценува потпретседателката на Центарот за надворешна политика.

Брисел | Александар Вучиќ и Албин Курти со посредниците на ЕУ, Мирослав Лајчак и Жозеп Борел
Дијалог во Брисел: Вучиќ и Курти со посредниците на ЕУ, Мирослав Лајчак и Жозеп БорелФотографија: Frederic Sierakowski/AP Photo/picture alliance

Притисок врз Србија, а не врз Вучиќ?

Целиот наратив на српските власти за неверојатниот притисок што доаѓа од Запад во однос на Косово очигледно не е во согласност со тонот на споменатото писмо, во кое се забележува дека Србија не трпи доволно силен притисок. Драгомир Анѓелковиќ го објаснува овој парадокс како „притисок врз Србија, но не и врз Вучиќ“.

„Западот го толерира Александар Вучиќ да прави што сака во Србија, но за возврат да го испорача Косово и другите работи што се бараат од него. Само малку побавно го испорачува, бидејќи знае дека му истекува рокот кога ќе испорача сѐ“, вели аналитичарот од Белград.

Ако зборуваме за потписниците на писмото, за нив тој притисок не е доволен, забележува Сузана Грубјешиќ. „Погледнато од Белград, тој притисок е преголем. Факт е дека навистина влегуваме во финале или расплет на процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово и верувам дека вакви писма ќе има сѐ повеќе“, заклучува Сузана Грубјешиќ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи