1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пимпсонси во Македонија

9 март 2023

Вчерашните сцени и особено ликови од церемонијата на потпишување на договорот за соработка со Бехтел-Енка ми ги вратија во сеќавање епизодите и ликовите од Пимпсонсите, но сега во скопско издание. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4OQPG
Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Пред повеќе од десет години, на косовската политичка сцена се појави феномен кој ја разбранува домашната партиска сцена и меѓународната дипломатија во Приштина. Не ми е зборот за Ветвендосје (Самоопределување, н.з.), туку за популарниот стрип Пимпсонси (The Pimpsons) моделиран според ликовите од американскиот цртан филм The Simpsons. Авторот на стрипот Фисник Исмаили, поранешен војник на ОВК, меѓународно признаен дизајнер и (тогашен) член на Ветвендосје, не штедеше никого од политичката сцена, особено не членовите на големите партии и со посебен гушт (уживање, задоволство, мерак, н.з.) наострен кон Тачи, Иса Мустафа, Харадинај и амбасадорот на САД, Кристофер Дел. Очекувано за секоја автократија, хуморот на Пимпсонси ги збеснуваше подеднакво митоманизираните командант-политичари и колонијални-гувернатори, додека пак младата публика со нетрпение ги очекуваше новите епизоди. Накусо, Пимпсонси беа еден од ретките автентични културно-политички диверзии во регионот за подривање на стабилократијата.

Бехтел-Енка и искуството на Косово 

Вчерашните (8.03) сцени и особено ликови од церемонијата на потпишување на договорот за соработка со Бехтел-Енка ми ги вратија во сеќавање епизодите и ликовите од Пимпсонсите, но сега во скопско издание. Имено, во една од епизодите Пимпсонси се осврнаа и кон улогата на амбасадорот Дел во склучувањето на договорот со Бехтел-Енка за изградба на автострадите низ Косово. Додека пак подоцна, американскиот престижен Форин Полиси ќе ја искористи карикатуризацијата на истиот како „главен макро“ кој прима кеш од Бехтел како вовед во опширниот извештај за улогата на Бехтел-Енка и подоцнежното именување во управниот борд на истата компанија. 

Причини за сомнеж и претпазливост околу начинот на кој се склучува договорот со Бехтел-Енка може да најдете и врз основа на искуствата од Косово и врз основа на веќе констатираните недоследности во изборот на набљудувачи и транспарентноста на постапката. А сепак, од сите тие забелешки и сомнежи нема да има големо, никакво фајде.

Профит и патриотизам

Очекувано, пропагандните петлиња на Ахмети и Груби едвај дочекаа да го прикажат потпишувањето како „историски подвиг на Али и Артан за добро на сите Албанци“, поткрепено со укажувањата дека станува збор за инфраструктурно поврзување на Косово, Македонија и Албанија. Сепак, таквите пропагандисти се прилично тивки кога ќе ги запрашате уште колку децении ќе трае изградбата на автопатот Скопје – Блаце, или пак за роковите во кои треба да се доврши асфалтирањето на сокаците во Серава. Како и да е, можеби пред неколку години таквиот обид за прикажување на чисто профитерскиот проект на изградбата на автопатите во црвено-црните бои на албанскиот патриотизам ќе имаше поголем успех. Но, не и во оваа Македонија на стотици неисполнети ветувања дадени од Ахмети, Груби, Османи. 

Автопати Бехтел и Енка
Потпишување на договорот за изградба на автопати меѓу владата и фирмата „Бехтел и Енка“Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Од другата страна на Вардар, проектот на Бехтел-Енка е проследен со веќе воспоставената мантра во македонското новинарство во откривање еколошки, плански, урбанистички замерки како изговор или покритие за едвај скриениот гнев што таков развоен проект ќе се случува во Западна Македонија. И со дискутабилно учество на домашните петрол-компании, градежни концерни, консултантски фирми и хонорарни придонеси од кои досега профитот главно се слеваше во македонски џебови. Затоа, употребениот термин за „забеганост“ на албанските министри во проектот на изградбата е неочекуван, но примерен фројдовски гаф кој ја дефинира вознемирувачката забеганост на истите, надвор од вообичаената ексклузивна контрола на македонскиот естаблишмент врз финансиите и развојните проекти.

Третиот лик во Илинден ББ-драмолетката, американската амбасадорка Анџела Агелер, наликуваше на шекспировска сожалива фигуринка растргната помеѓу церемонијата на настанот и потребата да се огради од нетранспарентноста на чинот. Што резултираше со наглава-нанос трчање од славењето во Илинденска кон некоја друга локација од која ќе објави дека „не бе, не, се немаме откажено од санкции. За месец или два, или три, или триесет се мислиме да објавиме едно, а можеби дури две имиња санкционирани за корупција.“ За неполни десет секунди подоцна да утврди дека „во земјава секој ден се случува корупција”. Во тие неколку минути, на госпоѓа Агелер ѝ успеа низ себе да го проектира славниот лик на полицаецот од серијалот „Ало, Ало“, кој скраја униформата повеќе предизвикуваше насмевки отколку чувство на строгост достојна на почит. Затоа, доб’о ут’о, Амбасадорке.

Кога сакавме да личиме на Европа

Ефектот на демистификацијата на политиката и политичарите како последица на бомбите на Заев сѐ уште го определува односот на ошштеството кон естаблишментот, домашниот и дипломатскиот. На политичарите им е се потешко да ја надминат таа бурлескна претстава за нив и се обидуваат на секој начин да вратат барем делче од аурата на иконопоклонтво, на натчовечност, на премудрост и необичност. И главно постигнуваат спротивен ефект, предизвикувајќи уште повеќе потсмешливост, презир и смртничка просечност. Докажувајќи дека ништо немаат научено од минатото и претходниците.

Се сеќаваме како Киро Глигоров клечеше на колено пред тинејџери, во бели фармерки и жолто пуловерче преку рамена. Се сеќаваме како Бранко Црвенковски даваше нарација врз Мето Јовановски во Индијана Џонс филигранските реклами за „ти не си Македонче, ти си Македонец”. Се сеќаваме и на Јово Манасиевски како со подвиени кошули ни ги истураше дланките пред нос дека тој е оној „помеѓу змијата и магарето”. Се сеќаваме кога Али Ахмети и Теута Арифи од некоја лабораторија ни порачуваа дека „сме можеле и повеќе, но дајте ни шанса повторно”. Се сеќаваме и кога Груевски ги редеше вмровските АФЖ ајвар-ариевки на сцена во обид да заличи скандинавски - барем под перики. Тоа беа времиња во кои политичарите сакаа да личат на „нешто европско”, додека пак Скопско и Телеком ни ги масираа мозоците со реклами за „среќни семејства од скопски маала”. Терајќи нѐ да се чудиме и запрашуваме – каде по ѓаволите се наоѓа локацијана и кое тоа семејство живее во дневна со бел мебел?

Сите може да шутираат, само Груби може да даде гол

Реалноста сепак толку бесно почна да гризе, што дури и политичарите се повлекоа на безбедна дистанца. Некои бустираат популарност преку инфлуенсерски социјални мрежи, други пак се кикотат во екот на кризата на машко средновековие преку трчкарање низ министерски канцеларии со топка во нозете и гримаси на шведски мисици во борба со перници од некој Б-продукција филм од седумдесеттите. И сето тоа за Артан Груби да им пренесе на Бујар, Крешник и Нуредин дека тие може да шутираат, но само тој може да даде кош или гол. Па сега јас вас ве прашувам – среде ваква комплетна кловновизација на политичката сцена, со која памет очекувате сериозна анализа на состојбите од мене и сериозен однос кон политичарите од вас?

Хуморот на Пимпсонси во Косово не беше роден од чувството на протест, туку од осознавањето дека сериозноста е киднапирана од несериозни ликови кои мораат да се третираат и прикажат во нивната вистинска природа за да се разбие фатаморганата и да се расветли вистината. Хуморот е антидота на автократијата и лагата врз која опстојува. Доколку медиумскиот маркетинг и политичкиот спин се лебот и солта на политиката и естаблишментот, базиран врз профитерствата на желудникот, хуморот е водата и воздухот на општеството, чиј разум зависи од кислородот во мозокот.

Успехот и популарноста, убиственоста на Пимпсонси не беше поради килави вицови, фолкерски анегдоти, кукавички генерализации, вулгарни мачоизми и примитивни имитации низ кои само се хуманизира и очовековечува злосторот, како што тоа се случува кај нас. Ефектот на Пимсонси се должи на храброста да се погледне над привидот на поредокот и прстот на критиката да се впери во самото срце на моќта врз која опстојува власта и владата и опозицијата и корупцијата.

- повеќе од авторот на оваа тема: Kој воопшто се плаши од црни листи?

Во Косово, тоа беше ликот на Дел како колонијален Гувернер. Ние сме, затоа, сѐ уште во пред-Пимпсонска, параполитичка, плачлива, самосожалувачка, кутри-ние, пиреј-чаталска фаза на кукумјавчење за клетата судбина и кукавичко бегање од соочување со моќта и наоѓање изговори за кукавичлукот и плацеба за неспособноста. Политичката моќ веќе со години не живее ниту во ДУИ ниту во ВМРО, а најмалку во СДСМ и парапартиите како Алтернатива. Оној кој ќе препознае каде лежи вистинскат моќ над Македонија е оној кој што ќе ја врати моќта на владеење и правото на управување. Таков Пимпсон, барем засега, не родила мајка (во) Македонија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач