1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Петнаесет илјади полицајци го чуваат Париз од земјоделците

ЖА /АРД
29 јануари 2024

Оклопни возила, хеликоптери, илјадници полицајци би требало да ги спречат земјоделците да го блокираат Париз. Фармерите не се задоволни од владините отстапки на нивните барања.

https://p.dw.com/p/4bmXu
земјоделци протести Франција
Протести на незадоволните земјоделци во ФранцијаФотографија: Thomas Padilla/AP/picture alliance

Министерот за внатрешни работи Жералд Дармањин во неделата вечерта најави мобилизација на 15.000 полицајци со оклопни возила и хеликоптери. Тие би требало да ја спречат блокадата на главниот град, двата париски аеродроми, како и најголемиот пазар Ранжис.

Земјоделците претходно се заканија дека овој понеделник (29.01.) ќе ја блокираат престолнината, односно патиштата кои водат до неа, како и меѓународниот пазар Ранжис.

Министерот за внатрешни работи истакна дека не станува збор за одмерување на силите, туку за обезбедување регуларни протести. Тој најави дека полицијата нема да отстранува поединечни блокади, туку нејзина првенствена цел е да обезбеди слободно движење низ Франција. Дармањин дополни дека земјоделците треба да бидат спречени во запирањето на товарните возови од Шпанија и Португалија и нивно ограбување, што веќе се има случувано.

Ветувањата на премиерот

Жестоките протести на фармерите, кои бараат подобри откупни цени, намалување на бирократијата и заштита од  евтини увозни производи,  минатите денови се проширија низ целата земја. Новиот француски премиер Габриел Атал во петокот се согласи на некои од барањата на земјоделците, а во неделата дополни дека ќе преземе дополнителни мерки за заштита на домашните земјоделци од нелојална конкуренција.

земјоделци протести Франција
Земјоделците се жалат и на нелојална конкуренцијаФотографија: Eliot Blondet/abaca/picture alliance

„Ќе го ставиме земјоделството пред се` друго“, изјави премиерот, најавувајќи дека државата ќе се откаже од планот за подигање на даночната стапка на дизелот за земјоделски возила.

Против спогодбата со Јужна Америка

Атал најави и поедноставување на правилата за фармерите да не мора непотребно да се борат со бирократија, како и педесет милиони евра итна помош за земјоделците кои произведуваат еколошки.

Премиерот најави дека францускиот претседател Емануел Макрон на ниво на ЕУ ќе се спротивстави на спогодбата за слободна трговија со јужноамериканските земји од кои, како што се стравува, би можеле да стигнуваат поевтини земјоделски производи.

На француските земјоделци тие ветувања не им се доволни, затоа ги продолжуваат протестите. Најголемото здружение на земјоделци претстави листа на која се содржани 140 барања.