Пензиска реформа во Франција: „Срам за демократијата“
17 март 2023Сега има само губитници. Најголеми штети трпи владата: покрај сите тврдења дека се залага за дијалог и за обединување на земјата, не успеа да издејствува компромис зад кој би застанале владиниот сојуз и во основа реформски ориентираните конзервативни републиканци.
Наместо да влезе во ризично гласање и стоички да доживее пораз, владата го извади џокерот 49.3. Уставно, но нелегитимно. Зашто, станува збор за длабока социјална реформа. Ова давење на демократскиот процес ќе остане да виси над владата во форма на длабока недоверба при идните реформски проекти.
И претседателот Макрон, кој на крајот сам ја донесе одлуката за членот 49.3, претрпе загуба. Неговиот имиџ е тешко нарушен, повторно не го послуша својот народ, обвинување кое го следи во текот на неговиот цел мандат. Но, губитници се и опозициските партии.
Посебно левичарскиот сојуз НУПЕС се дискредитираше себе си со недоличен театар. Неговите илјадници предлог амандмани придонесоа да не постои воопшто дебата за важни точки на реформскиот законво Националното собрание. Тоа беше погрешно и детски. На опозицијата сега ѝ останува само да поднесе барање за гласање за недоверба на владата за да ја запре реформата и да ја собори владата. Но, со оглед на раскараноста на опозицијата, ни тоа нема да успее.
Веројатно залуден протест
Тука се и синдикатите. Тие организираа протести со невидено единство, иако всушност често се конкуренти. Некои од акциите отидоа предалеку, но ним им успеа во целина да запрат насилство и да добијат поддршка од голем дел од населението. Сепак, и тие се губитници. Зашто, ако владата го преживее гласањето недоверба, што е многу веројатно, протестите беа залудни. Значи, во случајов потфрлија сите. А на крајот, губитник е и француската претседателска демократија. Не може да се владее со еден народ кој има толкава желба за спорење, за штрајкување и е револуционерно романтичен, со устав кој дозволува заобиколување на гласањето. На долг рок, тоа не носи ништо добро.