Пендаровски стави потпис за владините кампањи во медиумите
5 март 2024Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои на 28 февруари по скратена постапка беа усвоени во Собранието. Со тоа се отвора патот за враќање на владините кампањи во медиумите, на што изминатиот период остро реагираа медиумските здруженија кои бараа законот да помине низ редовна собраниска постапка. Нивните стравувања се дека воведувањето на државното рекламирање во приватните медиуми значи враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото, со исклучително штетни последици за независноста на медиумите и пошироко за слободата на изразување.
Се лимитираат средствата за кампањи
Но, Пендаровски во образложението на својата одлука наведува дека во законот јасно е дефинирано што претставува државна кампања од јавен интерес, на државно или на локално ниво. Измените на Законот, вели тој, го лимитираат буџетот, односно висината на средства кои од државниот буџет ќе можат да се потрошат за кампањи на државно или на локално ниво.
„Законот предвидува постапка, во која централна улога има комисија која е составена од претставници на политичките партии и од власта и од опозицијата, на паритетна основа. Во Законот се прецизирани критериумите според кои можат да конкурираат радиодифузерите, а јасно е дефинирана и постапката за избор на радиодифузери на кои ќе се прикажуваат кампањи на државно или на локално ниво. Тоа значи дека, за разлика од порано кога Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ своеволно одлучуваше кому колку пари ќе даде, сега е прецизно регулирано како медиумите и колку средства ќе добиваат за кампањи на државно или на локално ниво“, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.
Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Собранието беше донесен без поднесени амандмани од опозицијата. Тоа, според Пендаровски, значи дека опозицијата нема забелешки за неговата содржина.
Странски искуства
Во прилог на одлуката за потпишување на Указот, претседателот наведува и дека во поголемиот број на земји-членки на Европската Унија постои регулатива со која се овозможуваат кампањи од јавен интерес во медиумите.
Пендаровски изминатите денови остварил комуникација со сите засегнати страни, односно со тие што биле и „за“ и „против“ Законот. Во оваа насока, тој наведува дека очекува дека во најскоро време ќе продолжи дијалогот меѓу релевантните институции и Здружението за заштита и унапредување на интернет медиумите со цел унапредување на положбата на онлајн медиумите во медиумската сфера, имајќи предвид дека во порталите работат голем дел од новинарите.