„Овој Кандински сака да собере уметници во едно ново здружение. При личната средба почувствував една посебна длабока доверба кон него. Тој е веќе познат и има еден исклучително убав, јасен лик. Прво се сретнавме во една градска кафеана (...). Потоа, додека се возевме со трамвајот на пат до дома, се договоривме поблиску да се запознаеме и на други средби. Во текот на зимата се придружив на неговиот „Син јавач” (Der Blaue Reiter)“, пишува денес светски прочуениот сликар Паул Кле (1879-1940) во своите „Дневници” за првата средба во Минхен со денес исто толку прочуениот сликар Василиј Кандински (1866-1944). „Der Blaue Reiter“, Кандински го основал 1911 заедно си другиот близок пријател на Кле во Минхен, сликарот Франц Марк (1880 -1916). Иако биографиите на Кле и Кандински првпат се вкрстуваат во 1900 во уметничката ликовна академија на Франц фон Штук во Минхен, во која обајцата студираат, контактите со харизматичниот Русин стануваат поинтензивни со посредството на Клеовиот пријател уште од родниот Берн, швајцарскиот уметник Луј Моаје, кој редовно го посетува и Кле и Кандински, затоа што овие двајцата живеат во истата улица во Минхен, Ајнмилерштрасе. Кле во куќата бр. 32, а Кандински во таа со бр. 36. Моаје е посредникот меѓу соседите, кои дотогаш уште се на дистанца, со тоа што на Кле му ги покажува апстрактните дела на Русинот, а нему графиките на Бернјанинот Кле. На почетокот Кле е доста зачуден од ликовната апстракција на Кандински. Патем, Кандински од дете знаел германски, јазикот на кој зборувал со баба му по мајка, која била Германка. Кле зборувал германски со јасен швајцарски акцент. Бездруго и Кандински имал благ руски акцент во германскиот. Си замислувам дека нивните разговори звучеле како најубавата музичка средба на словенската со германската јазична култура.
Почетокот на Првата светска војна ги разделува неколку години двајцата сликари. Кандински мора да се врати во Русија, а Кле го мобилизираат на фронтот. Заедничкиот пријател Франц Марк загинува на фронтот во Франција. Кле и Кандински повторно се среќаваат дури 1921-та, кога архитектот Валтер Гропиус ги повикува да предаваат на новоосновата ликовна академија „Баухаус” (Bauhaus) во Вајмар. Кандински, кој во минхенскиот период бил во долга љубовна врска со германската сликарка Габриеле Минтер (1877-1962), се враќа од Русија оженет со дваесетгодишната руска благородничка Нина Андреевскаја, откако во Москва се развел 1911 од првата жена. Пред заминувањето на почетокот на векот на Запад, Кандински во Москва студирал право, докторирал и предавал на тамошниот универзитет. Познавањето на рускиот иконопис и средбата со француските импресионисти на една изложба во Москва го поттикнале да го напушти правото и целосно да се посвети на сликарството. Паул Кле, од своја страна, во младоста во Берн имал само една цел, да стане музичар, затоа што свирел виолина од дете, а подоцна, и се‘ до смртта, свирел во повеќе камерни оркестри во Швајцарија и во Германија. Неговиот сликарски израз е длабоко повлијаен од музичката композиција. Ликовната тема Кле често ја третира во делата по урнекот на музичката тема.
Продлабочување на пријателството
Пријателството меѓу Кле и Кандински се продлабочува во Баухаус. Кога Баухаус се сели во Десау, во денес светски прочуеното здание на академијата, дело на Валтер Гропиус од 1925-та, Кле и Кандински се двајцата харизматични сликари кои имаат големо влијание врз студентите. Кле бил отсекогаш поповлечен од Кандински, кој поседувал голема дарба за елоквентност. Сепак, молчаливиот Кле бил многу почитуван од студентите, а тие му го дале прекарот „Големиот Буда” затоа што имал култно место меѓу професорите. И Кле и Кандински ја изложиле својата ликовна теорија во неколку книги. Позната е книгата на Кандински „За духовното во уметноста”, во која го елаборира своето речиси мистично духовно-творечко кредо. Иако Кле и самиот бил мислител и мистичар, не милувал да направи од тоа памфлет, туку во своите книги ги разоткрива само принципите на своето творештво. Тој секогаш повеќе слушал и набљудувал што се случува околу него. Во aвтопортретот „Versunkenheit“, (Себесозерцание) Кле се прикажува себеси во својата најомилена состојба. Сам со себе, со замижани очи, потонат во мистичен поглед во себе. Кле порадо своето набљудување на околината го прикажувал во апстрактна форма во делата, најчесто со луцидни наслови, но и со куси хумористични описи во писмата до фамилијата или во дневниците. Такви се благо ироничните забелешки во писмата на Кле за вечерите со музика и танц во академијата Баухаус. Од нив дознаваме дека Кандински и неговата млада жена Нина танцувале со голема страст во тактот на тогашните шлагери.
Кандински и Кле наскоро се вселуваат во неколкуте куќи со ателје кои Гропиус ги проектирал за професорите и за нивните фамилии. Тие и денес може да се посетат (сега како музеи!) во Десау, недалеку од главната зграда на Баухаус. Кле и Кандински живеат и работат под еден покрив, во куќата со два влеза. За да не мораат да излегуваат кога оделе во посета на соседот, тие отвориле во преградниот ѕид во подрумот врата кон соседниот стан. Во дневниците на Паул Кле, но особено во спомените на неговиот син Феликс, за времето во Вајмар и Десау, се опишани многу интересни нешта за двајцата сликари-пријатели.Така Феликс Кле раскажува дека еден ѕид во кабинетот на Кандински во куќата во Десау бил целиот обложен со златна фолија, како онаа што се ползува во иконописот, а на тој ѕид виселе не само православни икони и крстови, туку и делата на Кандински. Овој бил познат по својот ексклузивен стил во сите нешта во животот, од изборот на совршените костуми до уредувањето на куќата. Прочуена е неговата трпезарија во куќата во Десау. Кандински на фотографиите е секогаш облечен по најновата мода, додека Кле останувал верен на класичниот граѓански стил во облеката. На фотографиите од Баухаус тој најчесто носи црн костум со цилиндер-шапка.
Културно наследство
Професорските куќи во Десау се прогласени за светско културно наследство. Во минатото, по 1930, нацистичкиот режим ја затвори академијата Баухаус, а професорските куќи ги изнајмуваше, со што во нив беа направени многу градежни измени. Подоцна, во ДДР, продолжи немарниот однос кон културното наследство од Баухаус, затоа што таа академија за застапниците на социјалистичкиот реализам беше само израз на „декаденцијата на капитализмот”. Професорските куќи беа долго време запуштени и распаднати. Куќата во која работеа и живееја Кандински и Кле беше дефинитво реставрирана по првобитниот урнек во 2019-тата, пред прославата на 100-те години од основањето на Баухаус.
Прочуена е фотографијата на која Кле и Кандински ја имитираат позата на Гете и Шилер од споменикот на плоштадот пред театарот во Вајмар. Гете и Шилер се „патријарсите” на германската класика. Со голема доза хумор и самоиронија кои, сепак, не можат да ја скријат самосвеста и за сопствената визија, Кле и Кандински театрално се инсценираат себеси во истата поза како и великаните од минатото. Секако, блискоста во која минувало нивното секојдневие во куќата во Десау, поместена во борова шума, ни се разоткрива најдобро на неброените фотографии на кои тие седат на терасата или во градината пред куќата и пијат чај.
Често се тематизира нивното меѓусебно влијание. 2015-та имаше голема изложба во Минхен, организирана со помош на „Центарот Паул Кле” во Берн, во која беше ликовно документирано нивното пријателство, но и нивната творечка конкуренција. На таа изложба беа изложени едно-до-друго дела на обајцата сликари, во кои се гледаше влијанието од колегата. Се раскажува дека Кле секогаш ставал крај на „играта” во конкуренцијата со колегата-пријател, со тоа што поставувал „скришни шифри” во насловот на своето дело, покажувајќи му со тоа на соседот дека тој отишол малку понатаму од темата која овој неодамна ја презел од него. Сето тоа е доказ за величината, но и за длабочината на пријателството на двајцата уметници, кои уживале во творечката страст и дотаму, што создавале во хармонија еден со друг онака, како што музичката тема се развива во делото, преземајќи ги туѓите тонови и доместицирајќи ги во своја констелација.
За сите што ги сакаат Паул Кле и Василиј Кандински, во моментов музејот „К-20” во Диселдорф нуди извонредна шанса да се видат многу дела на Кандински од подоцнежниот париски период, изложени заедно со денес одново откриената шведска сликарка Хилма аф Клинт (Hilma af Klint, 1862-1944). Таа починала само четири години по Кандински, а со својот живот го отсликува времето во кое живеел и тој. Изложбата е еден вид творечка средба на двајцава уметници. Притоа, како тивок сведок, во соседството, во музејот е присутен и пријателот Кле, затоа што таму се наоѓа постојаната збирка на дела од Паул Кле во градот, во кој тој од 1931-1933 предавал на ликовната академија. А и малечкиот плоштад пред музејот се вика „Paul-Klee-Platz“. Небаре тој е пак домаќинот кој го кани рускиот пријател и колега на чај, во придружба на за нив дотогаш непознатата шведска сликарка...
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.