Палестинските групи најавија влада на единство
23 јули 2024Четиринаесет палестински групи, вклучително и исламистичкиот Хамас, се согласија да формираат привремена национална влада на „помирување“ за Појасот Газа по војната, потврди денеска (23.07) кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, откако групите во кинескиот главен град ја потпишаа „Декларацијата од Пекинг“. Според Ванг, помирувањето е „внатрешна работа на палестинските групи“, но „не може да биде постигнато без поддршка на меѓународната заедница“. Затоа, нагласи Ванг, неговата земја сака „да игра конструктивна улога во обезбедувањето мир и стабилност“ на Блискиот Исток.
Заедничката изјава објавена по разговорите во Кина не дава детали за тоа како и кога ќе се формира владата. Се вели само дека тоа ќе се случи „со договор на политичките групи“.
Меѓу потписниците на изјавата се и Исламскиот џихад, кој се бори заедно со Хамас во Појасот Газа, како и левичарскиот Народен фронт за ослободување на Палестина.
Умерениот Фатах ја контролира палестинската управа на Западниот Брег. Милитантниот исламистички Хамас ја презеде власта во Појасот Газа во 2007 година и ги протера претставниците на автономната власт. Хамас и Фатах првпат ветија дека ќе го прекинат ривалството во 2011 година. Но, обидите за формирање влада на единство постојано пропаѓаа.