Кочо Анѓушев повеќе не е почесен конзул на Малта
7 декември 2023Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев повеќе не е почесен конзул на Малта. Оваа функција на која што беше именуван во 2021 година, му е прекината од страна на Министерството за надворешни работи на Малта веднаш по обелоденувањето на инфрмацијата дека тој е ставен на црната листа на САД.
Анѓушев беше на чело на конзулатот на Малта во Скопје од октомври 2021 година по одобрение од владата на Малта. „Times of Malta“ пренесува изјава од портпаролот на тамошното Министерство за надворешни работи кој вели дека никогаш не добиле никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.
„Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања“, додава тој.
Анѓушев, во четвртокот, преку соопштение и се заблагодари на Малта за честа да биде почесен конзул, и додаде одлуката е исправна.
„Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт Департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Се додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција“, вели Кочо Анѓушев.
Замрзната соработка
На маргините на самитот на ОБСЕ, почесниот конзул на Малта во Северна Македонија, Кочо Анѓушев на 3 декември имаше работен доручек со министерот за надворешни и европски работи и трговија на Малта, Јан Борг. На состанокот се разговарало за ситуацијата во регионот во светло на идното проширување на ЕУ, за геополитичките случувања во Европа и пошироко, како и за можностите за економска соработка меѓу двете земји. На средбата стана збор и за организацијата на состанокот на почесните конзули на Малта, кој ќе се одржи во февруари 2024 година во Валета.
Но, ваквите планови паѓаа во вода по одлуката на Стејт департментот кој смета дека во времето додека Анѓушев бил на позицијата вицепремиер во Владата на Северна Македонија, ја злоупотребувал својата функција во корист на неговите приватни бизнис интереси. Освен на Кочо Анѓушев, забранет им е влез во САД и на неговата сопруга Елизабета, и на нивните деца Ангел и Огнен.
Анѓушев со соопштение најави дека ќе се жали на одлуката на американскиот Стејт департмент.
„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, соопшти Анѓушев.
Судир на интереси
Претседателката на Антикорупциската комисија,Билјана Ивановска, во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма во средата (6.12) изјави дека последните години борбата против корупцијата е само декларативна.
Таа го посочи примерот со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев за кого ДКСК во 2019 година поднела иницијатива до Владата за негово разрешување поради утврден судир на интереси, бидејќи тој сам учествувал во креирањето и носењето на одлуката за намалување на царината од 15 на 0 отсто на литиумските батерии, кои всушност, ги увезувала неговата фирма.
„Меѓутоа во рокот од 60 дена, колку што има Владата да нѐ извести што презела по нашата иницијатива, нѐ известува дека тоа не е судир на интереси“, рече Ивановска.
Според неа, со тоа Владата се ставила во улога таа да одлучува што е судир на интереси, а што не е. Таа потсети на препораката од ГРЕКО, во која меѓу другото се вели дека во државата треба да се санкционираат и состојбите на судир на интереси.
„Зошто секогаш треба некој од надвор да ни каже дали некој работи или не работи добро, дали злоупотребува или не злоупотребува, а не се слушаат институциите кои веќе ги завршиле предметите. За Мерко беше истиот случај. Уште во 2019 година беше завршен предметот и предаден во Јавното обвинителство и во Судски совет, и никому ништо. Дури кога се стави Мерко на ‘црната листа’, тогаш имаше реакција“,рече Ивановска.