Оставка на британскиот вицепремиер Раб поради мобинг
21 април 2023На само две недели пред локалните избори кои треба да се одржат во големи делови на Англија, од функцијата си заминува заменикот на премиерот Риши Сунак - министерот за правда Доминик Раб. На местото на Раб во Министерството за правда доаѓа поранешниот државен секретар во Министерството за одбрана, Алекс Чалк. Вицепремиерската функција, пак, наместо Раб ќе ја извршува Оливер Дауден.
Доминик Раб денеска (21.04) ја напушти функцијата по објавувањето на извештајот во кој му се префрла мобинг. Тој во својата оставка напиша дека се чувствува обврзан да ги прифати заклучоците на истрагата и обвинувањата на негова сметка. Раб сепак потенцира дека отфрла голем дел од обвинувањата. Вештакот заклучува „дека за четири и пол години ниту еден единствен пат не сум навредил кого било и не сум викал на никого, ниту сум фрлал со предмети, ниту пак сум заплашувал некого физички, а и не сум навредил намерно никого“, тврди Раб.
Толку низок праг на дефинирање на мобингот поставува опасен преседан, предупредува Раб. Ова, според него, ќе поттикне „излитени поплаки против министрите“. И покрај сѐ, Раб се извинува за „секој ненамерен стрес или навреда“ што го предизвикал поради „темпо, стандарди или предизвици“.
По неколку поплаки против Раб, беше покрената истрага. Резултатите, кои премиерот Риши Сунак ги доби во четвртокот (20.04), сè уште не се објавени. Британските медиуми веќе подолго време известуваат за односите на Раб со подредените. „Гардијан“ напиша дека од адвокатот се плашеле поради неговиот стил на раководење. За време на неговиот прв мандат како министер за правда од септември 2021 до септември 2022 година, во Министерството преовладувала „клима на страв“. Министерот, како што се вели, бил „манипулативен“ и „агресивен“.
Фрлање домати од бес
Таблоидот „Сан“ во ноември минатата година објави дека поранешниот преговарач за Брегзит, Доминик Раб, во напад на бес фрлал домати од салата низ просторијата. Портпаролот на политичарот подоцна го демантираше тоа. Самиот Раб на Скај Њус во февруари изјави дека се однесувал „професионално во секое време“. Притоа, тој најави дека доколку се задржат наводите за малтретирање, ќе поднесе оставка.
За неговиот шеф, британскиот премиер Сунак, сето ова се случува во погрешен момент. Во мај во Велика Британија се одржуваат регионални избори, а владеачките Ториевци стравуваат од големи загуби. Според едно актуелно истражување, 44 отсто од Британците веруваат дека Сунак знаел за обвинувањата против Раб кога го донел во неговиот кабинет.
Премиерот победи на внатрепартиските избориво октомври со ветување, меѓу другото, дека ќе ги врати „интегритетот, професионализмот и одговорноста“ во владата по мандатот на неговиот претходник Борис Џонсон полн со скандали и краткото „премиерување“ на Лиз Трас.