Османи ја повика Русија да ја сопре агресијата врз Украина
16 јануари 2023Во рамки на посетата на Киев, министерот за надворешни работи Бујар Османи се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски при што ја изрази својата поддршка за украинската Влада, акцентирајќи дека ОБСЕ го поддржува украинскиот народ и напори за враќање на мирот и стабилизација на регионот.
„Импресивна е пожртвуваноста и посветеноста на претседателот Зеленски во заштита на украинскиот народ и храброста во соочувањето со предизвиците и последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина. Ја повикувам Русија веднаш да стави крај на агресијата. ОБСЕ го поддржува украинскиот народ и ќе продолжи одблизу да ја набљудува состојбата. Неопходна е оваа поддршка на украинските напори да се врати мирот и да изгради стабилна иднина за нејзините граѓани", истакна Османи.
Тој вели дека ОБСЕ ги има механизмите и капацитетот да им помогне на луѓето од конфликтните подрачја преку работата на терен.
Посетата на Османи на Украина е во рамките на реализацијата на еден од главните приоритети на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, во кое фокус се става кон луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија.