1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрид се гуши - депонијата Буково не престанува да чади

ДТЗ
4 август 2023

Жителите на Охрид се жалат дека неподнослива миризба се чувствува речиси секоја вечер. Иако депонијата треба да се дислоцира, решение сѐ уште нема. Засега депонијата се третира со алги со цел задушување на пожарот.

https://p.dw.com/p/4Ulfo
Охрид
Жителите на Охрид се жалат дека неподнослива миризба се чувствува речиси секоја вечер.Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Охрид во екот на туристичката сезона, повторно, се гуши во чад од депонијата Буково. Жителите на Охрид се жалат дека неподнослива миризба се чувствува речиси секоја вечер, а чадот особено е интензивен во утринските часови, кога навлегува во домовите. Изминативе денови екипите на ЈП „Охридски комуналец“ во повеќе наврати излегоа на терен за да ги изгаснат опожарените површини. Депонијата се третира со алги со цел задушување на пожарот, а со специјална механизација делот кој e зафатен со пожар се покрива со големи количини земја. Но, тоа не го решава трајно проблемот кој со години ги мачи жителите на Охрид.Дивите депонии се закана и за Струга, каде мештаните често алармираа за тешката миризба која што го загрозува нивното здравје. Иако во најава е изградба на регионална депонија во југозападниот дел на земјата, решение се уште нема. 

Кој ги пали депониите?

Изминативе денови беа забележани чести пожари во депонијата Буково. Како што информираат од „Охридски комуналец“, во саботата 29 јули во попладневните часови од страна на непознато лице бил подметнат пожар на депонија Буково. Екипите  веднаш излегле на терен и го локализирале пожарот, но веќе по два дена на 31 јули бил подметнат друг пожар на сосема друга страна од депонијата Буково.

„И за двата случаи беше поднесена пријава до СВР-Охрид од наша страна за подметнат пожар од непознат сторител“, информираа од „Охридски комуналец. 

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков за ДВ вели дека денеска конечно е изгаснат огнот во депонијата, но дека се уште се чувствува чад. „Екипите продолжуваат со депонирање на земја“, вели тој.

На терен вонреден инспекциски надвор изврши и Државниот инспекторат за животна средина. При инспекцискиот надзор во нестандардната комунална депонија Буково, утврдено е дека во неколку наврати интервенирала и Противпожарната единица на градовите Охрид и Ресен.

депонија
Депонијата со механизација се затрупува со земја и се гаси и со беспилотно летало-дрон со течна алгаФотографија: DW/M.Smajic

„Депонијата со механизација се затрупува со земја и се гаси и со беспилотно летало-дрон со течна алга, а до опожарување е дојдено поради излегувањето на метанскиот гас и намерно потпалување од непознато/и лице/а за кои е поднесена соодветна пријава до СВР Охрид од страна на ЈКП Охридски Комуналец“, утврдил инспекторот кој бил на увид.

Состојбата се следи интензивно на терен од страна на инспекциската служба и укажано е да се вклучат сите расположливи капацитети (човечки и механизација) за санирање на состојбата во насока на спречување на понатамошно загадување на воздухот и животната средина и заштита на здравјето на луѓето.

Пријави

Во Северна Македонија постојат 52 нестандардни комунални депонии со кои управуваат јавните комунални претпријатија и две коишто се во согласност со стандардите - Дрисла и во Дојран. За нестандардните депонии во Охрид и Струга веќе подолго време се бара решение, за што локалните власти бараат помош од државата. Жителите од селата во близина на депонијата честопати протестираа и бараа решение за чадот кој секојдневно ги труе, но депонијата и понатаму останува „црна дамка“ на туристичката сезона, со оглед на тоа дека пожарите се најактуелни во летниот период.

УНЕСКО уште во 2017 година бараше до декември 2020 депонијата во Буково да е затворена и санирана. Тоа не беше сторено, делумно поради немање локација за регионална депонија. Во извештајот на Реактивната мониторинг мисија, во рамките на втората препорака надлежните имаа рок од три години да се затворат нерегуларните депонии во Буково, Мауцкер и Струга како и сите други нелегални помали и поголеми депонии во Охридскиот регион и да се рехабилитираат погодените области.

Од Охрид СОС во повеќе наврати алармираа дека депонијата во Буково е со висок ризик за животната средина. 

Но, со депонии немаат проблем само жителите на Охрид и Струга. Во првите шест месеци од 2023 година, Државниот инспекторат за животна средина добил 50 претставки од граѓани, кои најчесто се однесувале на постапувањето на инспекторите за животна средина, како и за управување со отпадот, неговото палење и слично. Во Охрид имало вкупно 29 надзори, при кои се констатирани четири неправилности. 

 

Регионални депонии за спас од натрупаното ѓубре