Струјата ќе поскапи за 0,4 отсто за 88% од домаќинствата
27 јуни 2024Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски на прес-конференција во Скопје најави поскапување на струјата за потрошувачите во вториот, третиот и четвртиот блок. За граѓаните коишто се во првиот блок, со минимална потрошувачка, нема да има корекции во цената. Според Бислимоски, од 1 јули струјата ќе биде поскапа за 0,4 отсто за 88 проценти од домаќинствата, со што нема да биде предизвикан ценовен шок.
За осум проценти од граѓаните кои имаат потрошувачка во трет блок - струјата ќе поскапи за 0,48%, за четири проценти од семејствата коишто се во четвртиот блок - трошоците за струја ќе се зголемат за 0,57%.
„Во првиот блок нема промена, во вториот блок има зголемување од 0,85%, во третиот - 1,92%, во четвртиот - 1,88% и евтината струја ќе се зголеми 0,65 проценти“, рече Бислимоски.
Нова цена од 1 јули
Новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи ќе важи од 1 јули. На тендерот што го распиша универзалниот снабдувач ЕВН Хоме беше прифатена цената од АД ЕСМ од 60 евра за мегават часови за покривање на 85 проценти од потребите, додека за останатите 15 проценти беа пристигнати три понуди, но ниту една не беше прифатена поради тоа што понудите биле повисоки од моменталните пазарни цени.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве во изјава за медиумите рече дека не очекува зголемување на цената на електричната енергија, посочувајќи дека се исполнети двата услова - донесени се дополнувањата на Законот за енергетика и универзалниот снабдувач ги оптимизирал количините за да не дојде до енормно зголемување на цената на струјата.
Деновиве во парламентот беа усовоени дополнувањата на Законот за енергетика, со кои треба да се обезбеди сигурно, безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.