1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Обвинувања од САД: Русија испратила оружје во вселената?

Тагесшау | ЕМФ
22 мај 2024

САД ја обвинуваат Русија за испраќање оружје во вселената. Се вели дека тој сателит е способен да нападне други сателити.

https://p.dw.com/p/4g9B9
Пет Рајдер, портпарол на Пентагон
Пет Рајдер, портпарол на ПентагонФотографија: Kevin Wolf/AP Photo/picture alliance

САД тврдат дека Русија испратила сателит во вселената што веројатно е вселенско оружје. Сателитот веројатно може да нападне други сателити и се наоѓа во орбита блиску до Земјата, изјави портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер. Стартот на ракетата со оружје најверојатно се случил на 16 мај, вели Рајдер. Според него, сателитот сега е во иста орбита како еден сателит на американската влада. На прашањето дали претставува закана, тој одговори: „Па, тоа е оружје за вселенска одбрана во истата орбита како и сателит на американската влада“.

Рајдер додаде и дека слични руски лансирања се случиле во 2019 и 2022 година. Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков ги отфрли обвинувањата на САД. Москва ја отфрла употребата на оружје во орбитата, тврди тој.

Во февруари, американските медиуми, повикувајќи се на владини кругови, објавија дека Москва можеби ќе сака да инсталира нуклеарно оружје во вселената. Ова може да значи дека би можеле да бидат нападнати други сателити. Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли обвинувањата и нагласува дека неговата земја е против стационирање на нуклеарно оружје во вселената.

Земјина топка
САД ја обвинуваат Русија за испраќање оружје во вселенатаФотографија: picture-alliance/dpa

Резолуции против трката во вооружување во Советот за безбедност на ОН

Можната трка во вооружување во вселената веќе беше предмет на неколку резолуции во Советот за безбедност на ОН. Во април, САД и Јапонија поднесоа предлог текст. Со него, меѓу другото, сите држави се повикуваат да спречат трка во вооружување во вселената. Германија го поддржа предлог текстот. Резолуцијата пропадна поради ветото од страна на Русија. Во понеделникот, пак, пропадна руска резолуција против трката во вооружување во вселената поради несогласувањето на САД.

Во априлската предлог резолуција се вели дека детонација на нуклеарна бомба или друго оружје за масовно уништување во вселената ќе има сериозни последици за вселенските активности и за планетата Земја. Американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд рече дека експлозијата може да „уништи илјадници сателити во сопственост на земји и компании ширум светот, уништувајќи со тоа витални услуги во делот на комуникациите, науката, метеорологијата, земјоделството, економијата и службите за национална безбедност“.