1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Кој учествувал во заташкувањето на предметите за Мијалков?

ДТЗ
20 јануари 2025

Обвинителите проверуваат дали во „заташкувањето“ на предметите учествувало и трето лице. За Артан Груби и за судијата Енвер Беџети се води предистрага, иако не се во земјата.

https://p.dw.com/p/4pNP6
Обвинителство
Обвинителството врши проверки: Кој се учествувал во заташкувањето на предметите за Сашо Мијалков?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонското обвинителство води предистражна постапка за поранешниот вицепремиер Артан Груби и за апелацискиот судија Енвер Беџети за злоупотреби, откако тие неодамна се најдоа на црната листа на САД. Иако и двајцата не се достапни за органите на прогонот во Северна Македонија, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски вели дека постапката за нив продолжува. Распишана е меѓународна потерница за нивно лоцирање и пронаоѓање, а јавните обвинители во земјата ги преземаат неопходните дејствија. 

Обвинителите проверуваат и дали во „заташкувањето“ на предметите за поранешниот прв човек на тајната служба, Сашо Мијалков, учествувало и трето лице. 

Предистрага за Груби и Беџети 

Коцевски пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители, на прашањето дали има предистрага за судијата Енвер Беџети, кој е ставен на „црната листа“ на САД, одговори дека „заедно со тој предмет што се однесува и за судијата и за Артан Груби и, евентуално, за друг сторител, се води предистражна постапка и понатаму ќе се види како ќе се одвива“. 

На почетокот на декември 2024 година американскиот Стејт Департмент ги стави на „црната листа“ поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети. Според соопштението на американското министерство за надворешни работи, двајцата биле вмешани во „значителна корупција“ со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Мијалков, меѓу првите, уште во 2022 година се најде на црната листа на САД, исто така поради корупција. Неодамна имаше бурни реакции во јавноста откако Мијалков беше снимен во Монте Карло како излегува од луксузно ферари, додека предметите во земјата му застаруваат.

Сашо Мијалков
Обвинителот Коцевски вели дека се уште нема истрага за ставањето во фиока на предметот за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Предметот е во фаза на предистрага. Фотографија: P.Stojanovski/DW

Предистрага за предметите на Мијалков

Обвинителот Коцевски вели дека уште нема истрага за ставањето во фиока на предметот за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Предметот е во фаза на предистрага. 

„Се прибираат докази и за тој предмет јавноста ќе биде известена, а во моментот за оние дејствија што се преземени од наша страна, јавноста е известена“, рече Коцевски.

Еден месец од бегството

Во меѓувреме помина еден месец од бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој на 15 декември ја напушти земјата. Надлежните институции не откриваат која е крајната дестинација на којашто заминал Груби, но велат дека се надеваат оти тој наскоро ќе биде пронајден и екстрадиран. 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски неодамна откри дека МВР има оперативни информации за тоа каде е ексвицепремиерот Артан Груби кој се бара со потерница, а за кого се тврдеше дека е избеган во Албанија. Во Клик Плус на ТВ21, кој изјави дека е стапено во контакт со надлежните служби на земјата. Во однос на истрагата за пронаоѓање на Груби, Тошковски неодамна истакна дека МВР ќе преземе и други мерки за пронаоѓање на лицата кои се недостапни за органите на прогонот.

Артан Груби
Еден месец по бегството уште нема официјални информации каде е Артан ГрубиФотографија: P. Stojanovski/DW

„Станува збор за оперативни информации на оперативно ниво кои што ги добиваме и соодветно ги споделуваме со сите надлежни органи во рамки на други држави со кои што имаме оперативни информации дека предметните лица се наоѓаат таму каде што сме ги добиле информациите“, изјави Тошковски.

Но, нема официјална информација каде се наоѓа Груби во моментов. 

Политичките партии и понатаму меѓусебно си ја префрлаат вината. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ е виновна за постапките на Груби затоа што имала сознанија за се. Додека не се извинат за неговите постапки, не можат да кажат дека се дистанцирале.

„Еден месец СДС ни да гукне за Груби, тоа е се уште истата партија која ја водеа Заев и Ковачевски. Венко Филипче не може да излезе од сенката на Заев и Ковачевски, уште дословно се држи до нивните политики и крими коалиции. Венко Филипче не собра храброст да се извини за Артан Груби. Филипче не најде сили да се извини зошто владата на СДС која управувала со МВР не преземала ништо со години да го спречи неговиот криминал“, порача денеска Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.