1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гир: Разочарувачки резултати во борбата против корупцијата

ДТЗ
19 април 2023

Неопходни се проактивни истраги, ефикасност на обвинителството и борба против корупцијата на сите нивоа, вели евроамбасадорот Дејвид Гир.

https://p.dw.com/p/4QIER
Дејвид Гир
Нови критики од ЕУ дека Северна Македонија не се бори доволно против корупцијата: Дејвид ГирФотографија: Arbnora Memeti

Северна Македонија не прави доволно во борбата против корупцијата. Иако има напредок, резултатите се разочарувачки. Неопходни се проактивни истраги, ефикасност на обвинителството и борба против корупцијата на сите нивоа. Судството е тоа коешто има клучна улога во борбата против корупцијата. Ова се главните пораки и забелешки коишто ги упати денеска (19.04) евроамбасадорот Дејвид Гир на работниот состанок во Владата, на кој учествуваше и вицепремиерката за политики на добро владеење, Славица Грковска.

На состанокот се анализираше прогресот во институциите вклучени во борбата против корупцијата во однос на исполнувањето на препораките на Европската комисија и следните чекори коишто треба да се направат. Шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, е дециден дека треба да има поголема завршница на судски процеси против високи функционери. ЕУ има вложено многу средства за обуки за борба против корупцијата и време е земјата да испорача резултати на ова поле. 

„Борбата против корупцијата е од клучно значење, не само затоа што Македонија е во процес на преговори со ЕУ, туку уште поважно е што е во интерес на сите граѓани заради иднината, квалитетот на живот и особено за младата генерација која бара егзистенција надвор од земјата“, дециден е Гир.

Јасни насоки

Борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото е во центарот на процесот на проширување на Унијата. Иако ЕУ гледа некаков напредок во реформите поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата во земјата останува разочарувачка.

„Во извештајот на Европската комисија има јасни насоки што треба да се прави и кои се приоритетите. Сите ги знаеме, но досега е премалку постигнато. Нивото на имплементација е недоволно“, изјави Гир, кој повика на засилен ангажман од страна на институциите, власта, опозицијата и парламентот. 

Според него, консолидацијата на досието за проактивно истражување, гонење и конечни пресуди во борбата против корупцијата на сите нивоа и против сериозниот и организиран криминал мора да биде клучна цел на земјата на нејзиниот европски пат, особено сега, кога некои важни судски предмети се соочуваат со застарување.

корупција
Потребно е да се зголеми бројот на конечни пресуди во случаите на висока корупција и заплена на незаконски стекнат имотФотографија: Colourbox/Wolfgang Zwanzger

Судството има клучна улога во борбата против корупцијата и затоа треба да биде независно и професионално, а судиите и обвинителите да делуваат со интегритет ослободени од политички влијанија или финансиски стимулации.

„Потребни се независни судии и обвинители за да се врати јавната доверба во судството“, порача Гир.

Во Извештајот одреден напредок е нотиран и во однос на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со јакнување на неговите ресурси и ангажирање финансиски експерти, што, според Гир, е нужно за да се зголеми бројот на конечни пресуди во случаите на висока корупција и заплена на незаконски стекнат имот.

Поразителни резултати

Вицепремиерката Славица Грковска очекува сите институции во најкраток можен рок да се фокусираат и да покажат побрз процент на имплементација на Националната стратегија за борба против корупцијата, со оглед на тоа што се имплементирани само 10 проценти од препораките, што е нотирано во извештајот на Антикорупциската комисија.

„Тоа е поразителен  резултат. Институциите мора да бидат и поодговорни и поагилни, зашто од вас зависи и од сите нас зависи прогресот на државата. Немаме време за чекање, уште помалку имаме време за губење“, вели Грковска. Според неа, ова е борба што не зависи од еден човек, од една влада, туку зависи од сите и успехот на државата ќе биде заеднички успех, оти само така е можно да се направи прогрес.  

Таа ги охрабрува правосудните органи да ги процесираат случаите за коишто ќе се обезбедат докази. „Досега сме покренале одредени случаи кои се процесирале, но правосудните органи треба да одлучат каков ќе биде епилогот на случаите, без разлика за кого станува збор“, вели Грковска.