1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова гасоводна поврзница меѓу Грција и Бугарија

ЖА / агенции
1 октомври 2022

„Почнува нова ера за Бугарија и Јужна Европа, ослободување од рускиот гас“, изјави Фон дер Лајен на пуштањето во употреба на гасниот интерконектор Грција – Бугарија, ИГБ.

https://p.dw.com/p/4HczL
Урсула фон дер Лајен на церемонијата на пуштање во работа на интерконекторот Грција-Бугарија
Урсула фон дер Лајен на церемонијата на пуштање во работа на интерконекторот Грција-БугаријаФотографија: BGNES

Во Софија денеска на свечена церемонија, во присуство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше пуштен во употреба гасниот  интерконектор Грција-Бугарија,  кој има голема важност во ослободувањето на зависноста на ЕУ од руски гас.

„Денеска почнува нова ера, овој проект значи ослободување од  зависноста од руски гас“,  изјави Фон дер Лајен. 

182 километри долгиот гасовод меѓу грчкиот град Комотини и бугарскиот град Стара Загора, чија изградба ЕУ ја поддржа со 250 милиони евра, и чиј капацитет изнесува од три до пет милијарди кубни метри годишно, ја поврзува Бугарија со Трансјадранскиот гасовод, ТАП, носи гас од Аџербејџан преку Турција кон Грција, а потоа кон Италија.

Целокупната потрошувачка на гас на Бугарија може да биде покриена благодарение на новата поврзница, истакна Фон дер Лајен, потсетувајќи дека пред руската инвазија врз Украина, Бугарија беше речиси целосно зависна од руски гас. 

„Преку стратешката соработка меѓу Бугарија и Грција, можеме да постигнеме стабилност во регионот“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.

До 2027 година се планира да бидат удвоени количините на гас од Азербејџан за ЕУ. И соседните балкански земји, како Србија и Северна Македонија - преку Бугарија ќе можат да добиваат азербејџански гас.

Работата на гасоводот ќе започне со природен гас од Азербејџан, но од крајот на 2023 година по него ќе се движат значителни количества кои ќе доаѓаат од терминалот за течен гас во  Александрополис во Грција.

На настанот во Софија, покрај претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, присуствуваа и претседателите на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на Азербејџан и на Србија, Илхам Алијев и Александар Вучиќ, како и премиерите на Грција и на Романија, Киријакос Мицотакис и Николае-Јонел Чука.