1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Нов увид на автопатот Струма

ДТЗ
25 август 2022

Родините на загинатите бараат да се утврди дали освен возачот, има и други причини коишто довеле до трагедијата.

https://p.dw.com/p/4G1cc
Бугарија несреќа автопат Струма
Започна нов увид на автопатот Струма во Бугарија, откако роднините на загинатите побараа одговори зошто се запали автобусот на „Беса транс“Фотографија: Valentina Petrova/AP Photo/picture alliance

Започна нов увид на автопатот Струма во Бугарија, откако роднините на загинатите побараа одговори зошто се запали автобусот на „Беса транс“, во кој лани загинаа 45 патници. 

Николај Димитров, адвокат на дел од семејставата на загинатите и повредените патници од автобуската несреќа на „Беса транс“ на автопатот Струма во Бугарија, за дописникот на МИА од Софија изјави дека увидот на теренот е веќе започнат.
Експертскиот тим го започнал увидот на три километри од автобуската несреќа и целта е да покаже дали има причинско-последични околности кои довеле до несреќата. Увидот се изврши на барање на десет наследници на жртвите, кои бараат отштета од бугарската агенција за патишта и од Националното биро за осигурување.

Има ли пропусти на автопатот?

Се проверува површината на коловозот, знаците, ознаките и сите други елементи кои можат да дадат одговор на прашањето како точно се случила несреќата. Се очекува увидот ќе покаже што недостигало на овој дел од автопатот Струма и дали токму тој недостаток е главната причина за несреќата.

Димитров посочува и дека семејствата на неговите клиенти прашуваат дали е виновен само загинатиот возач или има друга околност што довела до страшната несреќа.Тие бараат одговор и што се случило со личните работи и багажот на починатите, како и со златни вредни предмети и украси кои ги имале на себе, но не биле регистрирани од бугарските власти и никој не им ги вратил.

Паралелна истрага

Семејствата на загинатите и преживеаните од автобуската несреќа во Бугарија побараа паралелна истрага за утврдување на причините за трагедијата во која загинаа 45 патници, а седум беа потешко повредени. Во декември, истрагата покажа дека главна причина за настанатата катастрофа била брзината која не соодвестувала со условите на патот. 

Бугарските истражители во јануари соопштија дека ја завршиле истрагата за автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, кога се запали автобус на агенцијата „Беса Транс“ . Според бугарскиот заменик-главниот обвинител, Борислав Сарафов, возачот, кој е меѓу загинатите, е виновен за несреќата.

„Причината е губење контрола врз автобусот од страна на возачот и високата, да кажам несоодветна, но не над дозволената брзина“, изјави Сарафов. 

Случајот чека на раврска и во Македонија, каде и понатаму се води предистражна постапка за станицата за технички преглед за автобусот на „Беса Транс“. Суспендираната обвинителка за борба против организиран криминал, Вилма Русковска деновиве информираше дека за станицата за технички преглед немало наредба на претрес, но со наредба на обвинител била одземена документација. Неделава требало да почне сослушувањето на сведоци по тој предмет. Но, засега останува неизвесно кој ќе го преземе случајот и кога ќе продолжи сослушувањето. 

Несреќата се случи на 23 ноември мината година, во раните утрински часови. Туристички автобус на компанијата Беса транс“ којшто од Истанбул се враќаше во Македонија, удри во ограда на бугарскиот автопат Струма, по што се запали. Меѓу загинатите имаше 12 деца.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема