Бајден го прошири опсегот на санкции за Западен Балкан
9 јануари 2025Во последните денови од мандатот, американскиот претседател Џо Бајден донесе уредба со која се прошируваат категориите на лица кои подлежат на санкциите на САД поради обиди за оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан, обиди за поткопување на повоените договори и институции, како и учество во значителна корупција.
Меѓу најважните измени се дека санкциите ќе ги опфатат и сопружниците и возрасните деца на санкционираните лица, лидерите или членовите – владини или деловни – на санкционирани субјекти, како и оние под чија контрола се санкционираните лица или субјекти. Во иднина причина за санкциите ќе биде обид за учество во корупција, загрозување на стабилноста или нарушување на територијалниот интегритет. Исто така се преземаат дополнителни мерки за заштита и санкционирање на поткопувачите на Преспанскиот и на Охридскиот договор.
Санкции за поткопувачите на Преспанскиот и Охридскиот договор
Бајден всушност презеде дополнителни чекори, измени и дополнување на три наредби поврзани со Западен Балкан кои се однесуваат на блокирање на имотот и суспендирање на влезот во САД на лица кои придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан.
Уредбата од 2021 година предвидува дека санкциите – блокирање на имотот и суспензија на влезот во САД да важат за лица кои се директно или индиректно одговорни за постапки и политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на области или држави во Западен Балкан, поткопување на демократските процеси или институции, кршење на човековите права или корупција.
Санкциите се применуваат на лица кои директно или индиректно учествувале или се обиделе да учествуваат во кршење, попречување или загрозување на спроведувањето на регионалните безбедносни мировни договори или договори за меѓусебно признавање на Западен Балкан. Тоа ги вклучува Преспанскиот договор од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, Дејтонскиот договор или заклучоците од Советот за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи одлуки или заклучоци на Високиот претставник, Советот за имплементација на мирот или неговиот Управен одбор или Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, односно Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови.
Што опфаќаат овие измени?
Во новата регулатива се додава дека санкциите ќе се применуваат за секој кој американското Министерство за финансии, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е лидер, службеник или владин претставник, кој учествувал или се обидел да учествува во некоја од активности дефинирани со претходната регулатива или чии средства и интереси се блокирани согласно тој пропис. Мерките се однесуваат и на лица кои материјално помагале, спонзорирале или давале финансиска, материјална или технолошка поддршка, на лицата кои се на листата на санкции.
Бајден во декретот наведува дека се преземаат дополнителни чекори „со оглед на настаните во Западен Балкан, вклучително и континуираните обиди на поединци да го оспорат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан, да ги поткопаат повоените договори и институции, да се ангажираат во значителна корупција што го поткопува владеењето на правото и довербата во демократското владеење и да се избегнат санкциите на американската влада“.
Се шири опсегот на црната листа
Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC), врз основа на Регулативата 14033, воведе 62 санкции за физички и правни лица од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Албанија.
Американскиот Стејт Департмент неодамна и стави на „црната листа“ поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети, поради вмешаност во „значителна корупција“ со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Мијалков, меѓу првите, уште во 2022 година се најде на црната листа на САД, исто така поради корупција.
Во март минатата година, на црната листа се најдоа поранешната главна обвинителка на СЈО, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Претходно, во декември 2023 година на „црната листа“ беше сместен и поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев.
Пред него, од април 2022 досега, на листата завршија и експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни 2023 следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани.