1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Нов бран руски ракетни напади во цела Украина

ЖА / агенции
29 декември 2022

Украинската армија јави за масивни руски ракетни напади во повеќе градови во земјата во утринските часови – пресретнати 54 од 69 руски ракети.

https://p.dw.com/p/4LXUa
Украина Киев Русија војна
Регионот на Киев нападнат со руски дронови и ракетиФотографија: Mustafa Ciftci/Anadolu Agency/picture alliance

По ноќешниот напад со т.н. „камиказе“ дронови, руските сили денеска утрото испалиле ракети од воздух и од море од различни страни, објави украинската армија.   

„Масивни ракетни напади...Непријателот ја напаѓа Украина на повеќе фронтови, со крстосувачки проектили испалени од авиони и од воени бродови“, соопшти утрово украинската воена авијација.

Од 69 испалени руски ракети, украинската противвоздушна одбрана уништила 54, информираше командантот на воените сили, Валери Салушни на Телеграм. Сите 16 истрелани ракети кон Киев биле пресретнати. Советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак изјави дека руската армија истрелала „преку 120 ракети со цел уништување на важни цели во инфраструктурата и масовно убивање цивили.“

Во украинскиот главен град Киев при нападите се ранети три лица, јави градоначалникот Витали Кличко на Телеграм, меѓу кои и едно 14-годишно девојче. Сите повредени се наоѓаат во болница. Според Кличко, 40 проценти од жителите на градот се засегнати од прекини на електричната струја, упатувајќи апел до сограѓаните да се снабдат со вода за пиење.

Од Харков, вториот по големина украински град во источниот дел од земјата, градоначалникот Игор Терехов јави за „серија експлозии“. Според гувернерот на истоимениот регион, Олег Сунегубов, погодена е критична инфраструктура во регионот и во градот.

И од западниот град Лвов се јавува за експлозии. Градоначалникот Андри Садови соопшти дека 90 прпoенти од градот денеска е без струја и се заканува прекин на снабдувањето со вода.

Над регионот на Одеса според официјални наводи, биле пресретнати 21 ракета, но и таму има оштетувања на енегетската инфраструктура, превентивно е извршено исклучување на струјата.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека Москва, благодарение на своето трпение и упорност, порано или подоцна ќе ги оствари планираните цели во Украина. „Не ни се брза“, рече Лавров, упатувајќи повик Украина да ја признае руската анексија на четирите украински региони како услов за продолжување на преговори.

„Наш апсолутен приоритет се новите четири руски региони“, истакна Лавров.

Руското министерство за одбрана ги отфрли објавените сознанија на западни тајни служби и воени извори кои упатуваат на можноста Русија да се соочи со недостиг од воени средства.

„Муницијата никогаш нема да ни секне“, соопшти Министерството преку онлајн службата Телеграм, укажувајќи како пример на крстосувачките ракети со кои Русија ја напаѓа Украина. 

По значителните територијални загуби во летото и есента, Москва во изминатите недели ги интензивираше своите напади со дронови и ракети врз украинската енергетска инфраструктура. Кремљ најави дека нема да има прекин на огнот ни за време на новогодишните и божиќни празници.