1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Норвешка: 180.000 руски војници убиени или ранети во Украина

ЖА / агенции
23 јануари 2023

Во руската агресорска војна во Украина, според норвешки проценки, досега се убиени или ранети 180.000 руски борци, додека на украинска страна загинале или се повредени 100.000 војници.

https://p.dw.com/p/4MZPk
Војна во Украина Русија
Војна во УкраинаФотографија: REUTERS

Проценките направени од страна на норвешката војска велат дека во војната која Русија речиси една година ја води против Украина, загинале или се ранети 180.000 руски војници, додека на украинска страна досега загубите изнесуваат веројатно повеќе од 100.000 војници. Ова во интервју за норвешката телевизија ТВ2 во неделата (22.01.2023) го изјави норвешкиот генерал и шеф на Генералштабот, Ерик Кристоферсен, според кого во војната досега животот го загубиле најмалку 30.000 украински цивили. Генералот не прецизира на каков начин е дојдено до овие бројки.

Без оглед на тешките загуби, смета генералот Кристоферсен, „Русија е во состојба да ја продолжи војната на прилично долго време“, укажувајќи на можностите на Москва за вршење мобилизација на дополнителен број војници и на капацитетите за производство на оружје. Норвешкиот генерал и шеф на норвешките вооружени сили, се заложи за што поскори испораки на борбени тенкови на Украина, што досега го кочи првенствено Германија.