1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Ништо од новиот светски неред

Миодраг Шориќ
Миодраг Шориќ
27 август 2022

Дали авторитарните шефови на држави со својата агресивна политика го уриваат воспоставениот светски поредок? Не, зашто долгорочно гледано, слободните земји се посилни, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/4FSnO
Berlin | Ukraine-Solidaritätsaktion mit der Putin-Plastik von Jaques Tilly
Фотографија: Christian Behring/Geisler-Fotopress/picture alliance

Сѐ се случува истовремено: Русија ја нападна Украина, Кина заведува ред во Хонконг и му се заканува на Тајван преку воени маневри, иранските трупи се борат во Газа, српскиот претседател Александар Вучиќ се фали со својата војска на самата граница со Косово. Авторитарните режими тестираат колку можат да одат далеку со своите ескалации. На деспотите им се потребни судири за да останат на власт, ианку немаат што да му понудат на својот народ.

Сеедно дали станува збор за Русија, Србија, Кина или  Иран,  демонстрацијата на воена моќ на големите сили има за цел да ги натера луѓето да заборават на заостанатоста во земјите во кои живеат, да обезбеди моќ за одделниот „национален водач“ и да го прикрие презирот со кој врхушката се однесува кон сопствениот народ. Во спротивно, постои опасност населението да се жали за лошата опременост на болниците, старечките домови и школите во државата, дека во селата едвај постои функционална канализација, дека платите и пензиите се ниски.  

Меѓутоа, ако нацијата се наоѓа во некој судир, тогаш се обвинуваат „надворешните непријатели“. Се сузбива критиката на сметка на владејачката класа која без задршки се богати. Корупцијата е дел од државниот резон. Во очите на политичарите, граѓанинот поединец нема голема вредност и во најдобар случај се користи за топовско месо, како што со години беше случај во источна Украина.

Нова ера на варварството?

Со  нападот врз својот сосед,  Русија не само што ѝ објави војна на Украина, туку му објави војна на целиот цивилизиран свет. Исходот од тој конфликт ќе го одреди начинот на кој ќе се однесуваат другите авторитарни режими во иднина: дали ќе го почитуваат минимумот на меѓународни договори и меѓународно право или почнува нова ера на варварство, во која важи само законот на посилниот?

Ако не сакате светот да потоне во хаос, морате да помогнете во запирање на меѓународните подбуцнувачи како Путин, морате  воено да го вооружите Тајван  и морате да се борите против иранските терористички милиции каде и да се наоѓаат: во Појасот Газа, Ирак, Либан или во Сирија.

Авторитарните режими никогаш не криеја дека не се согласуваат и го отфрлаат светскиот поредок втемелен врз правото. Тие сметаат дека демократиите се закана, исто како и почитувањето на човековите и малцински права, слободата на медиумите или правната сигурност.

Деспотите се повикуваат на меѓународното право само кога тоа им служи на нивните интереси.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ, автор на коментарот

Западот со години работи со тие режими.  Денес многу европски политичари се прашуваат како можела германската канцеларка Ангела Меркел да биде толку наивна и да стане зависна од Путин кога е во прашање увозот на природен гас. Уште полош пример: Кина сега е најважен трговски партнер на Германија, иако ниту имаше ниту има и најмал сомнеж во бруталноста на режимот во Пекинг.

Како германските политичари и стопански претставници можеле да бидат толку наивни и да се фрлат во прегратката на Пекинг?  Се чини дека алчноста во тој случај го надминала чувството на одговорност. „Капиталистите ќе ни го продадат јажето со кое ќе се обесиме“, наводно прорекол Ленин.

Путин малку се залета

По крајот на Студената војна, глобалниот однос на силите во никој случај не се помести во корист на диктаторите. Путин во Украина секојдневно ја демонстрира руската воена неспособност. Мит е дека авторитарните владетели размислуваат политички долгорочно и дека затоа се супериорни во однос на Запад, кој наводно дејствува само краткорочно. Вистината е токму спротивна: Путин одлуката за инвазија врз Украина ја донесе нагло и целосно несвесен со каков отпор Украинците ќе ја дочекаат неговата војска. Путин е коцкар, а сега се пресмета. Но, ако сака политички и биолошки да ја преживее војната, тој мора да ја признае својата грешка.

Западот во иднина не смее да продолжи со сопствено слабеење. Германија мора да се наоружа и тоа во значајна мерка и долгорочно. Ако Грција, Русија или Иран можат да трошат речиси четири проценти од својот брутодомашен производ за одбрана, тогаш тоа би требало да може и Германија. Освен своето конвенционално вооружување, Европа пред сѐ треба да напредува со нуклеарно оружје. Дури така ќе биде сериозно сфатена во Москва, Пекинг и Вашингтон.

Како и многу  владетели во Кремљпред него, и Путин го предизвика Западот.  Сталин и Хитлер  исто така го презираа западниот свет, посебно како сојузници од 1939 до 1941 година. Тогаш Советскиот Сојуз на Хитлер му даде огромна помош во храна и суровини, помагајќи ја Хитлеровата војна против Франција и Велика Британија. На крајот триумфираше наводно „дегенерираниот Запад.“ Исто како што тој победи и во Студената војна. И токму затоа ги освојува срцата на многу млади и образовани луѓе, кои денес се присилени да живеат во земји со авторитарни режими.