Цврсто одлучив продолжениот празничен викенд да го напуштам лудилото што ни се случува и да избегам во нормалноста. Тоа само донекаде ми успева во деновите кога одам на риболов. Но, како тоа да се постигне кога сте под вршникот на Скопје. Намерата ми беше ако успеам, да ви препорачам и вам да се обидете да најдете свој спасоносен рецепт.
Направив совршен план. Ставив вето, строга триднeвна забрана на „сурфање“ по социјалните мрежи, портали, читање весници и ТВ вести, ембарго за дебатите на уважените експерти, аналитичари, политичари, тазе и бајати колумнисти, жестоките момци водители кои одлично го вртат јазот кон воденицата која меле саде отрови како лек за несоница. Сето тоа го блокирав во замена за спортските канали.
Си велам тешко, ама може да се издржи барем три дена, па да го видиме резултатот. По утринското и пладневно кафе во „Изи“ на Џанго „пука прв“ и на тениските терени во „Александар палас“ со исклучен мобилен, се подготвив за читање на недочитани и повеќепати прочитани книги, кои на секое навраќање различно се доживуваат. Изборот падна на „Мементо за Истанбул“ од Ахмет Умут, турскиот Агата Кристи, потоа на романот „apsolvo te“ на Бугаринот Георги Бардаров, добитник на Европската награда за литература во 2021 година, ја препрочитав по трет пат книгата на Душан Ковачевиќ „20 српски поделби“ (Срби против Србите). Чинам доволно за продолжен викенд без биење на камбаните дека доаѓаат Хуните преку Европа да нѐ поробат.
Планот исполнет- резултатот поразителен
Веднаш да ви кажам дека резултатот е поразителен, иако планот го исполнив во целост без ниту една отстапка. Разликата е во тоа што веќе нема потреба да бидете изложени на труење. Организмот е доволно затруен. Детоксикацијата не е можна што и да правите. Сѐ што читате и гледате од разлилчни агли асоцира на Македонија. Споредбите не можете да ги спречите. Еве и зошто. Да почнам од спортските ТВ канали. Го држам во рака „даљинското“, најдемократскиот изум за спас од натрапници. А се појави некој познат сурат, веднаш да го исклучам.
Да почнам со моите херои, надлуѓе, што возат велосипеди колку речиси една Македонија во еден ден. Тече колоната по локални патишта низ Европа, Франција, Италија, Шпанија...како подвижна лента управувана од некоја космичка станица. Повеќе ги гледам знаците и пораките покрај патот отколку „гладијаторите“ на велосипеди. Села, гратчиња и градови како од бајките. Сѐ е беспрекорно чисто, прекрасни, а скромни куќи извонредно вклопени во амбиентот, непрегледни убаво обработени полиња и ридови како да ги шишал мајстор Цафуре само со чешел и ножици.
Зелени реки, езера, шуми како на разгледници. Мостови и замоци, радосни луѓе со шишенца вода за своите јунаци. Возат луѓето вртејќи педали со денови низ овоземните градини како да се рајски. Насобраниот отров во мене вели- добро бе и ние имаме некои убавини од Бога дадени, од луѓето запустени, зарем сме дојдени до таму да не можеме да исчистиме и уредиме колку еден двор на Франција. Не можеме оти повеќе ја валкаме, отколку што ја чистиме земјата која многу ја сакаме. Така се мери патриотизмот.
Се префрлам на еден од најголемите спортски спектакли на планетата земја, отвореното првенство на Америка во Њујорк. Комшијата Новак Ѓоковиќ пишува историја. Урива рекорди. Повторно е на светскиот трон. И тие што не го сакаат го почитуваат. Убави непреспани ноќи. Ѓоковиќ е фантастична замена што нас нѐ нема таму. Всушност нѐ има. Тој е наш. Србија игра во финалето на Светското првенство во кошарка. И тие се наши. Жалиме што не ја „победивме“ Германија. Не сме задоволни од второто место во светот. Убаво се чувствуваме кога се лажеме себе си. Нѐ нема ниту на атлетските патеки. Нѐ израдуваа фудбалерите со голот на Барди и нерешено со Италија. Ни приредија радост и одбојкарите. Само еден ден се позначајни од политичарите.
Ни треба ли просветен апсолутизам?
Во криминалистичкиот детективски роман „Мементо за Истанбул“ од Ахмет Умут се испреплетува културното наследство на престолнината на три империи. Овие делови се автентично напишани со користење на обемно научно творештво без никакви комплекси и предрасуди што е и чие историско минато. Спомениците од западното и источното римско царство и од османлиската империја се фантастична лекција колку е важно тоа да се заштити и колку е тажно да се уништува.
Мислите ми отидоа на друга страна, на Кемал Ататурк кој го собори султанот и султанатот. Победи како војсководител во татковинската војна против многу надмоќни сили и ја спаси Турција. Главниот град на три империи го премести во Анадолија во Анкара. Ја укина арапската азбука, го смести османлискиот јазик во историските архиви и ги повика лингвистите да создадат нова азбука, латинично писмо и нов литературен јазик само десетина години пред тоа да го направи Македонија. Го укина и Шеријатското право и донесе граѓанско право по урнекот на европските земји. Ја заврте Турција од Азија накај Европа. Годинава Турција ќе одбележи 100 години од парламентарната држава со сѐ уште незавршените визии на големиот државник, Турција да стане европска држава.
Си велам, дали и нам ни треба еден просветен апсолутизам, еден државник, нека е и диктатор да ги спроведе нашите реформи. И веднаш си го гризнав јазикот. Тоа би било ерес во нашата совршена демократија во која исплукавме сѐ живо што не починало најмалку пред 80 години. Од првата параламентарна држава созадена по единствента историска победа во НОБ, сѐ друго е пораз. Сите наши претседатели, премиери, државници, творци, дејци, сѐ е жигосано, наклеветено, компромитирано, обезвреднето, омаловажено во политички пресметки.
Една мала група луѓе формиравме невладина организација со единствена цел во Скопје да подигнеме еден споменик на Кемал Ататурк кого го врзуваат многу работи со Македонија. Тропавме залудно речиси две години од врата на врата, запазувајќи ги сите законски прописи и правила. Како донација добивме и споменик од Турција, транспортиран до Скопје. Но не се најде парче земја, неколку квадрати, да се постави споменикот кој на крајот заврши во дворот на амбасадата на Република Турција. Во Македонија не се градат споменици по регуларен законски пат како и многу други зданија, туку на диво по демократски пат. Навечер почнува, наутро осамнува, па ако смееш обиди се да го урнеш.
Македонци против Македонците
Во романот на бугарскиот писател Георги Бардаров, преведен на македонски, што се чита во еден здив, кој неправедно долго стоеше на мојата маса на ред за читање, конечно да ја отворам ме привлекоа неколку прашања напишани на корицата: „Што може да ги натера обичните, нормални луѓе да прават абнормални ексцеси и sверства? Дали е можно да се убива и да се употребува насилство врз сопствениот род преку ден, а ноќе истите тие раце да ги галат главите на сопствените деца и лицето на сопругата без никаков знак на внатрешна противречност и конфликт сам со себе? Може ли да го направите невозможното за да поживеете на овој свет само секунда подолго? Може ли да се прости она што не би му го простиле никому на светот, па сета злоба и омраза да истечат од вас како нечиста вода? Одговорот е Absolovo te. Топло ви препорачувам да откриете што значи тоа и уште многу други работи што може да ви бидат многу препознатливи.
Повторно кисело се смеам на извонредната книга на големиот драматург Душан Ковачевиќ за „20 српски поделби“ (Срби против Србите). Кисело оти ние имаме четири пати повеќе македонски поделби. Еве неколку наслови на поглавјата каде зборот српски може да се замени со македонски, па просудете сами: Небесни и овоземски Срби, Происточни и прозападни, Патриоти и предавници, Рационални и ирационални, Монархисти и републиканци, Четници и партизани, Ослободители и ослободени, Срби и Југословени, Богати и сиромашни, Газди и раја, Србин поделен на самиот себе и уште девет поделби. Место Србин ставете Македонец и видите дали одговара.
Ете така мојот обид на бегство кон нормалноста пропадна. Што би рекол Горан Бреговиќ: Не е нормален тој што нема да полуди.
А, може и вака: нормален е тој што полудел. Се разбира во нашиот случај. Луд и будала не е исто.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.