1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија ќе нема кој да измеси леб и бурек

ДТЗ
21 февруари 2023

Пекарите се добро платени. Веќе нема голема разлика дали бурекчијата ќе работи тука или во Германија, бидејќи платите се речиси исти. Но, нема кој да работи.

https://p.dw.com/p/4NnWQ
продавачка
Веќе нема разлика дали бурекчијата ќе работи тука или во Германија, оти платите се речиси исти. Но, нема кој да работи. Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance/dpa

Алармантниот недостиг на кадар во пекарската индустрија во Северна Македонија може да доведе до сериозни проблеми. Младите немаат интерес да работат како пекари или бурекчии, ниту пак да отворат свои пекари. Оваа индустрија се соочува сопотешкотии во работењето и стравува дека во иднина би можело да биде уште полошо. 

Просечната старост на вработените во пекарската индустрија е 57 години. Кога ќе заминат во пензија, ќе нема кој да ги замени, стравуваат во Стопанската комора по анализите коишто покажаа дека постои огромна дупка за квалификувани работници. 

Недостигаат месачи, обликувачи на тесто... 

Ситуацијата дополнително е комплицирана со оглед на тоа дека дел од процесите во пекарската индустрија не може да се автоматизираат за да се компензира недостигот на кадар. Во големата пекарска индустрија најмногу недостигаат месачи, обликувачи на тесто и пекари, а во малата и микропекарска индустрија стопанствениците имаат проблем да најдат пекари и бурекчии. 

Бурек
Стопанствениците имаат проблем да најдат пекари и бурекчии.Фотографија: Begzada Kilian/DW

„Проблемот е сериозен и треба системски и институционално да се решава. Една од опциите е да се предвиди субвенционирање на работодавачите или работниците кои ќе ги одберат овие занимања во пекарската индустрија зашто идниот период може да дојде до блокада во работењето и до зголемување на цените на секојдневните пекарски производи и печива од рачна изработка“, вели Наташа Јаневска од Стопанската комора.  

Обуки за пекари 

За таа цел во план е преквалификација и доквалификација за бараните вештини. Они коишто ќе покажат интерес ќе бидат обучувани од искусен практичар, додека трае обуката ќе добиваат парични средства, а потоа, по завршувањето на обуката, ќе бидат и вработени. 

леб
Алармантен недостиг на кадар во пекарската индустрија во Северна МакедонојаФотографија: DW/K. Delimitov

Игор Стојановски од пекарата „Пастел“, вели дека  проблемот со немањето кадар во пекарската индустрија е исклучително сериозен. „Драстично се качува цената на трудот на постојните работници – пекари. Веќе нема многу разлика дали бурекчијата ќе работи тука или во Германија, цените им се скоро изедначени. Не се исти, но полека ги стигнуваат зашто, едноставно, нема кој да работи“, рече Стојановски.

За обуката веќе има четири жени кандидати на возраст од околу 50 години. Тие сакаат да се преквалификуваат зашто бараат работа. Интерес кај младите нема, иако во пекарската индустрија просечната плата е над 30 000 денари, а достигнува и до 60 000 денари.

Анализите на Стопанската комора покажуваат дека 82 отсто од компаниите се обиделе да обезбедат кадар со потребни вештини, но не успеале во целост, поради што има голем број на слободни работни места. 45 проценти од компаниите причината ја гледаат во ограничениот број кандидати со соодветни квалификации и работно искуство, додека 42 процента сметаат дека кандидатите имаат некакво соодветно теоретско знаење.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи