Напаѓачот од Минхен- наводно 18-годишен исламист од Австрија
5 септември 2024Стрелецот кој беше убиен од полицијата во Минхен е 18-годишник од Австрија, со тамошно живеалиште, соопшти полицијата на денешната прес конференција. Баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман (ЦСУ) не исклучи дека намерата на вооружениот била напад врз блискиот генерален конзулат на Израел во центарот на Минхен. Но, за конкретните мотиви надлежните уште не даваат подетални информации. Австриското МВР за попладне најави дека ќе издаде соопштение.
Според информации на магазинот „Шпигел“ и австрискиот весник „Стандард“, убиениот осомничен живеел во околината на Салцбург во Австрија и на безбедносните служби им бил познат како исламист. Ланската година против него била поведена постапка за ширење на пропаганда на Исламска држава, но била запрена. Во Минхен допатувал со автомобил.
Баварскиот министер Херман истакна дека е можно да постоел план за напад врз израелскиот конзулат, но неопходно е подетално расветлување на позадината на случајот.
Полицајците во девет часот утрото во близина на израелскиот конзулат и на Документацискиот центар за националсоцијализмот откриле човек вооружен со пушка со бајонет од постаро производство. Според Херман, осомничениот целно пукал во полицајците, кои возвратиле со оган, при што напаѓачот бил ранет и починал уште на местото на престрелката.
Баварскиот премиер Маркус Зедер (ЦСУ) не исклучи дека постои поврзаност со комеморацијата по повод атентатот за време на Олимпијадата во Минхен во 1972 година. „Можно е да има поврзаност, но тоа мора да биде допрва разјаснето“, изјави политичарот на прес конференција во близина на местото на инцидентот.
Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека ниеден вработен во израелскиот конзулат во Минхен не е повреден. Во Конзулатот се одржувала комеморација по повод атентатот на Олимпијадата во Минхен на 5 септември во 1972 година, поради тоа тој бил затворен.
Истрагата ќе ја води Централната служба за борба против екстремизмот и тероризмот при Генералното обвинителство во Минхен.