Нападот во Солинген, Германија и денот потоа
24 август 2024Радоста му отстапи место на стравот. Музиката и смеата ѝ отстапија место на тишината. Утрото по градскиот фестивал во Солинген, за кој сега сите зборуваат, ветрот свирка низ празната пешачка зона. Зад лентата која означува забранет приод, чувана од полицајци, сè уште може да се види рингишпил ишаран со сликички од мечиња кој не работи, а на една бина сѐ уште светат рефлектори. Но таму нема веќе никого. Апсолутно никого.
Солинген, град со 160.000 жители, сместен меѓу Диселдорф, Келн и Вупертал, се бори да го „преџвака“ она што се случи во петокот вечерта (23.08) на прославата на неговиот 650-ти роденден - „Фестивалот на различностите“. А со него, тоа е сигурно, се бори и целата држава.
Министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл (ЦДУ) пристигнува уште во текот на ноќта. Канцеларот Олаф Шолц бара остра казна за сторителот. Притоа, во овој момент не се знае речиси ништо за позадината на нападот. Она што познато е следново: Во петокот вечерта, насилник по случаен избор со нож нападнал луѓе. Тројца посетители - една жена и двајца мажи - загинаа, а неколку се тешко повредени. Поради неговиот насочен пристап - ги бодел жртвите во вратот - мора да се претпостави дека се работи за напад, објаснуваат надлежните. По злосторството, како што се вели, напаѓачот побегнал во метежот. Полицијата упати повик на Фејсбук да се избегнува центарот на Солинген.
Се шири страв
Утрото потоа, сѐ уште не се јасни многу работи за злосторството. Но, она што може да се почувствува е расположението. „Му реков на мојот сопруг - веќе не можеме да одиме на места каде што има многу луѓе“, вели една постара жена која со децении живее во куќа веднаш до местото на злосторството. Одеднаш имате нож во грбот, тогаш „мора да се плашиш“, вели таа. Вработен во слаткарница внимателно ја прашува дали слушнала нешто за злосторството. Таа вели не. Тој одговара: „Подобро е така“.
Друга жителка исто така вели дека се плаши. Ноќеска, вели, око не затворила. „Полиција, противпожарна бригада, хеликоптер“, наведува таа. Таа лично не била на фестивалот, иако планирала да оди: „Сакавме, но среќни сме што не отидовме“. Пред сè, ја вознемирува фактот што безбедносните мерки на претпазливост очигледно не биле доволни. „Не можам да го разберам тоа“, вели таа резигнирано. „Солинген сега е често на насловните страници“.
Оваа реченица може често да се слушне во градот - Солинген, кој е секогаш на насловните страници. И сега повторно. Во март четири лица загинаа во пожар во стан на поткровје во градот. Се вели дека го подметнал поранешен потстанар. Во јуни, едно лице испуштило шише со супстанција пред продавница во Солинген, што предизвикало експлозија. Мажот починал кратко потоа. Се верува дека случајот има врска со махинациите на таканаречената холандска Мокро-мафија, за која со недели се зборува во покраината Северна Рајна Вестфалија.
Многу луѓе сигурно ќе се сетат и на подметнатиот пожар во Солинген во 1993 година, во кој пет жени и девојки од турско потекло беа убиени од десничарски екстремисти. Нападот тогаш беше најниската точка во серијата расистички напади врз луѓе со странско потекло во Германија.
Паника наместо безгрижна прослава
Ништо од ова всушност не требаше да игра улога во прославата на 650-годишнината на градот. Солинген се стреми нанадвор да презентира позитивна слика. „Прегледниот град меѓу метрополите“, како што се нарекува самиот град, е „град на сечилата во Германија“, затоа што во него има традиција на производство на сечила, ножеви и ножици (во средниот век - мечеви). Во градот се наоѓа и „Германскиот музеј на сечила“.
Но, не е само Солинген тој што ќе мора некако да се справи со настаните, туку тоа ќе треба да го стори и Германија. Нападите со нож се зголемија, сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) неодамна најави построги закони за оружје, но тоа не ја смири дискусијата. А за една недела ќе има избори во покраините Саксонија и Тирингија.
На неколку чекори од местото на злосторството во Солинген, некој оставил белешка, на која може да се прочита: „Никогаш нема да ве заборавиме“.