1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамРусија

Напад во Москва: Шок и тага во Русија и во светот

СН/агенции
23 март 2024

Билансот од крвавиот напад врз концертната сала во Москва станува сѐ пострашен од час во час. Граѓаните на Русија тагуваат за жртвите од злосторството кое предизвика и шок во меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/4e3Kt
Голем број граѓани во Москва и во другите руски градови палат свеќи и полагаат цвеќиња на во спомен на жртвите на злосторството.
Голем број граѓани во Москва и во другите руски градови палат свеќи и полагаат цвеќиња на во спомен на жртвите на злосторството. Фотографија: Yuri Smityuk/picture alliance/dpa/TASS

Според последните информации објавени од страна на руските власти во нападот во петокот вечерта во концертната сала во трговскиот центар во Москва загинале 115 лица, меѓу кои три деца. Повредени се 145 лица, од кои 60 се во тешка состојба.

Според руски информации, по терористичкиот напад биле уапсени единаесет лица. Меѓу нив има и четири лица осомничени дека се директно вклучени во нападот за кој одговорноста ја презеде Исламска држава.

Сè уште не е јасно како напаѓачите, облечени во маскирни униформи и тешко вооружени, успеале да влезат во концертната сала. Руската престолнина Москва се смета за безбеден град со голем број безбедносни сили, камери за надзор и детектори за метал на многу места. 

Ожалостени Московјани пред уништената концертна сала „Крокус сити хол“ положија цвеќе во спомен на жртвите
Ожалостени Московјани пред уништената концертна сала „Крокус сити хол“ положија цвеќе во спомен на жртвите Фотографија: Vyacheslav Prokofyev/picture alliance/dpa/TASS

Свеќи и цвежиња во спомен на жртвите

Граѓаните на Москва и на цела Русија ги минаа ноќта и утринските часови во шок и страв поради крвавиот напад и во тага за жртвите во нападот. Ширум земјата уште во текот на ноќта се појавија билборди во спомен на жртвите од нападот, на који има само една свеќа и натписот „Тагуваме 22.03.2024“. Голем број граѓани во Москва и во другите руски градови палат свеќи и полагаат цвеќиња на во спомен на жртвите на злосторството. Исто така граѓаните на Москва масовно даруваат крв за повредените, кои се наоѓаат во московските болници.

Како последица на нападот, сите театри и музеи во Москва ќе останат затворени во текот на викендот, вклучително и светски познатите локации како галеријата Третјаков и музејот Пушкин. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин претходно изјави дека сите големи настани во градот се откажани. Властите исто така откажаа масовни настани во областа на Москва. 

Билборди со натписот „Тагуваме“ осамнаа на улиците на руските градови по нападот во Москва
Билборди со натписот „Тагуваме“ осамнаа на улиците на руските градови по нападот во МоскваФотографија: Guo Feizhou/Xinhua/picture alliance

Шок и изрази на сочувство

Нападот во концертна сала во Москва предизвика шок и ужаснатост и во меѓународната заедница. Изрази на сочувство пристигнуваат од голем број земји ширум светот.

.„Го осудуваме ужасниот терористички напад врз невините посетители на концертот во Москва“, напиша канцеларот Олаф Шолц на онлајн сервисот за кратки пораки Екс. „Нашите мисли се со роднините на жртвите и сите повредени“, порача Шолц. 

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го опиша чинот како „кукавички, нехуман терор“. Исто така на Екс, таа напиша: „Невини луѓе кои само сакаа да одат на рок концерт беа убиени ладнокрвно“

Германското Министерство за надворешни работи уште во текот го осуди „страшниот напад врз невини луѓе“. Преку објава на Екс, министерството изрази сочувство до семејствата на жртвите и повика на брзо расчистување на позадината на нападот.

ЕУ и ОН го осудија нападот

Европската унија е шокирана и ужасната од извештаите за терористички напад во Москва, рече Петер Стано, портпарол на Европската комисија на платформата X. „ЕУ ги осудува сите напади врз цивили. Нашите мисли се со сите погодени руски граѓани“, напиша тој. 

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази „длабоко сочувство“ до погодените семејства и народот на Русија, како и до владата, се вели во соопштението. Гутереш на повредените им посака брзо закрепнување.

Џон Кирби, претставник на Советот за национална безбедност на САД, зборуваше за „страшните слики“ од Москва кои тешко се поднесуваат и дека мислите на САД се со жртвите на страшниот вооружен напад.

Кина со поддршка за Русија

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите. „Ништо никогаш не може да го оправда таквото страшно насилство“, напиша тој на X.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг испрати телеграма со сочувство до рускиот претседател Владимир Путин, објави државната телевизија.  Тој посочи дека Кина ги отфрла сите форми на тероризам и најостро ги осудува терористичките напади. Кина ги поддржува напорите на руската влада под претседателот Владимир Путин за одржување на националната безбедност и стабилност.

Украина негира каква било вмешаност во нападот

Украина нагласи дека нема никаква врска со нападот. Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, уште во текот на ноќта изјави дека неговата земја нема никаква врска со нападот во Москва.
Портпаролот на украинската воена разузнавачка служба Андриј Јусов за весникот „Украинска правда“ изјави дека сето тоа е намерна провокација на руските специјални сили и дека рускиот претседател Путин прави злосторства против сопствениот народ.

Граѓани во Москва во редица чекаат да даруваат крв за повредените во нападот во концертната сала
Граѓани во Москва во редица чекаат да даруваат крв за повредените во нападот во концертната салаФотографија: Denis Voronin/Moscow News Agency/AP/picture alliance

САД ја предупредиле Русија од терористички напади

Белата куќа соопшти дека САД неодамна ги предупредиле руските власти за можен напад на „големи собири“. изјави портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон.
Вашингтон оваа информација ја споделил со руските власти, а неодамна и други западни амбасади предупредија на терористички напади во Москва. Кремљ го опиша тоа како провокација од Западот.