1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголема суша во Европа во последните 500 години

БГ /дпа
25 август 2022

Лоши вести од експертите во Европската унија: овогодинешната суша, која не влијае само на земјоделството, туку и на другите стопански гранки како енергетиката, би можела да биде најлоша во последните 5 века.

https://p.dw.com/p/4G0ip
Река Лоара Франција
Реката Лоара во Франција пресуши на повеќе места на 16 август 2022 годинаФотографија: Stephane Mahe/REUTERS

Годинешната суша во Европа е веројатно најлошата во последните 500 години. Тоа се првите проценки на Европската опсерваторија за суша, која допрва треба да биде потврдена со конечни податоци на крајот на сезоната, изјави портпарол на Европската комисија.
Во извештајот се наведува дека речиси половина од континентот е загрозен од сушата. Состојбата е алармантна на 17 отсто од површината, а тоа, велат експертите, негативно влијае на летната жетва. Најмногу се погодени пченката, сојата и сончогледот. 

Жешки бранови и недостаток на дожд 

Тешката суша, која од почетокот на годината погоди многу региони во Европа, се влоши во август. Сушата, според експертите, е поврзана со трајниот недостаток на врнежи во комбинација со серија топли бранови од мај до денес. Тоа влијае и врз реките. Намаленото количество вода доведе до значителни пореметувања во енергетскиот сектор, како во работата на хидроелектралните, така и кај системот за нивно ладење.  
Ризикот од суша е особено голем во Италија, Шпанија, Португалија, Франција, Германија, Холандија, Белгија, Луксембург, Романија, Унгарија, Србија, Украина, Молдавија, Ирска и Велика Британија, се наведува во извештајот. Во регионите кои уште пролетоска беа погодени од суша, состојбата е најмногу влошена, а во западното Средоземје и ноември, според прогнозите, ќе биде потопол и посушен од вообичаено.

Франција Суша Растенија
Сушата ги убива билките низ ЕвропаФотографија: Aventurier Patrick/ABACA/picture alliance

Потпросечна жетва 

На лошите приноси се жалат и земјоделците во Германија. Претседателот на Здружението на земјоделци Јоахим Руквид вели дека постојат големи регионални разлики поради количеството на врнежи.
Годинава беа очекувани околу 43 милиони тони житаркиц, малку повеќе од 2021, но жетвата повторно беше под просекот на изминатите осум години. Во таа статистика не е вклучена сушната 2018 година. 
Сепак, вели Руквид, има причини за оптимизам кога станува збор за јаболката. Тука се очекува натпросечна берба. И кога се работи за виното, Здружението очекува „одлична берба во 2022“.

Здружение земјоделци Јоахим Руквид Германија
Претседателот на Здружението на земјоделци Јоахим РуквидФотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Виновен е човекот 

Експертот за земјоделство од Светската фондација за природа (WWF), Јохан Ратке вели дека причина за тоа е човекот. Тој смета дека екстремната суша е последица на климатските промени.
„Треба да се уверат и последните кочничари дека ефикасната заштита на климата и животната средина конечно стана составен дел од земјоделството. Тоа е единствен начин за долгорочно обезбедување храна“, вели Ратке.