Најголем ракетен напад на Киев од пролетта
30 август 2023Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, рано изутринава (30.08) преку својот Телеграм-канал објави: Во главниот град се слушаат експлозии. Тој ги повика локалните жители да останат во засолништата. Околу два часа подоцна, Кличко напиша дека во руските воздушни напади врз Киев се убиени најмалку две лица. Шефот на воената управа на главниот град Серхиј Попко го потврди бројот на загинатите. Во нападите има и двајца ранети, кои се повредени од распрскано стакло.
Воздушен аларм низ целата земја
Според извештаите од Киев, во текот на ноќта имало силни експлозии на ракети за противвоздушна одбрана. Остатоци од ракети паднале врз згради во најмалку две населби, информира Кличко. Според воената управа, во текот на изминатата ноќ од страна на „силите за воздушна одбрана“ биле уништени повеќе од 20 ракети и беспилотни летала. Се вели дека станува збор за „најголемиот напад со ракети и дронови од пролетта“. Според украински извори, на бранот крстосувачки ракети кои дошле од областа на Каспиското Море му претходел напад со дронови од север. Во целата земја е вклучен аларм за воздушна тревога.
Русија јавува за напад на аеродром
И Русија повторно јавува за напади. Според руските власти, во напад со дронови на аеродромот во северозападниот руски град Псков биле оштетени неколку тешки армиски транспортни авиони. Армијата одбива напад со беспилотни летала, напиша рано изутрината на својот канал на Телеграм гувернерот на областа Псков, Михаил Ведерников, кој објави кратко видео на кое се слуша експлозија и се гледа светло од оган над аеродромот. Како резултат на нападот, оштетени се четири авиони Ил-76. Информациите не можат да се проверат од независни извори. Псков се наоѓа на околу 660 километри северно од украинската граница и блиску до границите со Латвија и Естонија. Аеродромот денеска треба да остане затворен за цивилен воздушен сообраќај.
Аларм и во Москва
Според сопствените информации, Русија се одбранила од повеќе други украински напади со беспилотни летала во текот на ноќта - вклучително и во московскиот регион, во Брјанск и Ојол и во заливот Севастопол на Крим. Според Москва, авион на руската црноморска флота уништил четири украински воени глисери. Според руското Министерство за одбрана, во авионот имало до 50 припадници на украинските специјални сили. Оваа информација исто така не може да се потврди од независни извори. Засега нема потврда од украинска страна.