Македонската меѓу 100 најдобри кујни во светот
12 декември 2024Дека на Балканот добро се најде покажува и најновата ранг листа којашто ја објави гастрономскиот портал за храна и патувања, „Тејст атлас“ (Taste Atlas). Македонската, српската и хрватската се најдоа високо на листата на 100 најдобри национални кујни во светот за 2024 - 25 година. Македонската кујна го зазеде 47. место (со оценка 4,16 од 5), додека подобро се оценети српската кујна, којашто е на 15. место и хрватската кујна на 17 позиција. На листата се најдоа и словенечката кујна( 56 место), како и босанската која што е рангирана неколку места подолу (68). Албанската кујна се најде речиси на дното на листата - рангирана е на 96-то место.
Зелникот, макалото и сармата како адут
Во Северна Македонија мора да ги пробате зелникот, макалото и сармата - препорачува гастрономскиот сајт. Меѓу највкусната храна се вбројуваат и македонскиот ајвар и охридската пастрмка. Сајтот препорачува неколку македонски винарии коишто произведуваат врвно вино и десетици ресторани се најдоа на листата на оние коишто нудат врвна храна. Баницата со зелка, лутеницата, пинџурот, тараторот, мазникот, тавче-гравчето и малиџаното на врвот на 34 „топ“ јадење од македонската кујна.
Грчката и италијанската кујна како најдобри
На врвот на листата на најдобри кујни се грчката, италијанската, мексиканската, шпанската, португалската и турската кујна. Француската кујна ја зазеде осмата позиција, зад индонезиската, а на деветото и на десетото место се јапонската и кинеската кујна. Германската кујна е на 23.место, со неколку познати јадења коишто се препорачуваат дека мора да се пробаат, како и неколку видови на пива.
Тејст атлас е патувачки онлајн водич за традиционална храна што ги собира автентичните рецепти, критичарите за храна и истражувачките написи за популарни состојки и јадења. На гастрономската платформа има речиси 10.000 јадења. пијалоци и состојки, како и податоци за 9.000 ресторани. Основан е во 2015 година од хрватскиот новинар и претприемач Матија Бабиќ.
Годинашните ранг-листи на платформата се креираат врз основа на речиси 400.000 оценки за храна и 115.000 оценки за прехранбените производи.