1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските градежници велат дека состојбата е драматична

АРД
14 октомври 2023

Кризата во германското градежништво е комплексна. Треба да се гради енергетски ефикасно, а тоа ги зголемува трошоците за градба. Тоа пак влијае на цената на објектите. Освен тоа, нема доволно квалификувани работници.

https://p.dw.com/p/4WrUt
Новоградба во Баден Виртемберг
Новоградба во Баден ВиртембергФотографија: imageBROKER/picture alliance

Ханс-Јирген Ленц шета низ улицата „Ханс Беклер“ во населбата Огерсхајм, во Лудвигсхафен. На едната страна на улицата зградите се наредени една до друга - класични градби од 1960-тите, едноставни и солидни и по децении од пуштањето во употреба. Ленц работи за општинското станбено претпријатие ГАГ и се грижи за инвентарот на компанијата. Тој сака да види стан кој штотуку е реновиран. Ја отвора вратата и со загрижен поглед гледа во парното. „Ако ова се скрши во блиска иднина, што тогаш?“, прашува градежниот инженер. Станот има две печки на гас и проточен бојлер на гас.

„Економски не е оправдано“

Според новиот Закон за греењен а сојузната влада (ГЕГ), од следната година овде ќе биде дозволено да се инсталираат само одредени системи за парно греење на гас. За инсталација на топлински печки неопходно е реновирање. „Становите во оваа зграда се греат на гас. Ако поставиме топлинска пумпа, ќе имавме енергетски проблем“.

Прво мора да се инвестираат многу пари во енергетска санација: „Тоа започнува со куќниот приклучок на струја, кој би требало значително да се зајакне. Потоа би требало да се изолираат покривот, фасадата и подрумот.“ Потоа становите треба да добијат нови цевки, радијатори и прозорци со тројно застаклување. Ленц смета со трошоци од околу 2.500 евра за метар квадратен. „Тоа не е економски оправдано – ниту за потстанарите ниту за нас како компанија.“

Подрум со топлински пумпи
Подрум со топлински пумпиФотографија: BWP

За постанарите премногу, за газдите премалку

Потстанарите во станот во моментов плаќаат кирија од 5,60 евра за квадрат. На ГАГ не му е дозволено произволно да ја зголемува киријата, дури и во случај на енергетска санација.

Ленц ја објаснува правната ситуација: „Дозволено ни е на потстанарот да префрлиме осум проценти од трошоците. Ако потстанарот плаќа кирија под 7 евра (за метар квадратен, н.з.), ние поради границата (станарината не смее да се зголеми повеќе од 20% во рок од три години, н.з.) смееме да ја зголемиме цената максимално за две евра. Тоа се многу пари за потстанарот, а не ги покрива ни приближно нашите трошоци за санација.“

Ленц одмавнува со главата: „Тогаш би добиле 13 до 14 евра кирија (за метар квадратен, н.з.). Кој ќе го плати тоа?“

ГАГ управува со околу 13.000 станови во Лудвигсхафен. Околу една третина од нив се во иста состојба како становите на улицата „Ханс Беклер“.

Германија новоградба зграда
Побарувањата за енергетски ефикасни градби постојано се зголемуваатФотографија: Bernd Weißbrod/dpa/picture alliance

Новоградби со топлински пумпи

На периферијата од Лудвигсхафен, ГАГ моментално гради поголем станбен комплекс со 146 апартмани. На градилиштето се движат багери, се вртат кранови, се изолираат објекти. Пред нив се наоѓаат изолациони панели. Клаус Шефнер, кој го предводи одделот за планирање и градба во ГАГ, влегува во подрум и покажува неколку топлински пумпи. „Ова е објект кој ги исполнува најсовремените стандарди. Со оваа нова зграда можеме да играме активна улога во намалувањето на ЦО2. Горди сме поради тоа.“

Тука функционира концептот на топлинска пумпа - во нови згради.

Откажаната поддршка предизвикува зголемување на трошоците

Градежниот проект е започнат пред околу една година и чини вкупно 41 милион евра. Покрај кредитот со ниски камати, државната банка за поддршка и развој КфВ инјектирала 3,6 милиони евра. Старата програма за поддршка КФ55 во меѓувреме е откажана.

Меѓутоа, без финансиска стимулација, ГАГ немало да може да гради - толку била напната ситуацијата на пазарот уште тогаш. „Сегашните рамковни услови уште повеќе ги отежнуваат работите отколку пред две години“, вели Шефнер. „Побарувањата за енергетски ефикасни градби постојано се зголемуваат. Станува сè потешко да се постигне економска ефикасност. Градењето во меѓувреме е практично станато невозможно.“

Германија градење новоградби
Се намалува бројот на нарачки за градба Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Во новиот станбен комплекс становите ќе се изнајмуваат по цена за квадрат од 6,40 евра. Сепак, објектот нема да може да го ублажи притисокот од пазарот на недвижности, бидејќи побарувачката за простор за живеење во Лудвигсхафен е четирикратно зголемена од 2016 година досега, објаснува Шефнер. Но, зарем новиот Закон за енергетика на објекти не дава јасност? „Не“, одговара Шафнер. „Ова е всушност клинец во ковчегот за новоградбите“.

Сѐ повеќе прописи, сѐ помалку градежни проекти

Драматичен пад бележат не само новоградбите, туку се намали и побарувачката за топлински пумпи. Во првите осум месеци од годинава барањата за државна поддршка паднале за повеќе од 70 отсто во однос на истиот период лани, објаснуваат од Сојузната асоцијација за топлински пумпи. За тоа е виновна дебатата за греење што се водеше во изминатите неколку месеци и неизвесноста околу правилата за финансирање кои ќе се применуваат по 2024 година.

Во исто време, според студијата на консултантската куќа ПвЦ, бројот на нови системи за парно греење со гас пораснал за речиси 30 отсто во првата половина од годината, а продажбата на нови котли за нафта се зголемила повеќе од двојно. Тим-Оливер Милер, раководител на германската градежна индустрија, не е изненаден од целокупниот развој. „На пазарите им е потребна доверливост. Само тогаш инвеститорите ќе инвестираат на пазарот.“ Милер извлекува горчлива севкупна оценка: „Ситуацијата е драматична. Се намалува бројот на нарачки за градба. Имаме многу компании кои не добиле нови нарачки уште од почетокот на годината“.

инсталатер парно греење радијатор
Во занаетчискиот сектор недостигаат и квалификувани работнициФотографија: Adobe Stock

Брзо нови програми за поддршка?

Соочени со пад на побарувачката, здруженијата повикаа на напори за зголемување на продажбата на топлински пумпи. Ако сојузната влада наскоро не ја подобри финансиската поддршка, целта за вградување на 500.000 топлински пумпи очигледно ќе биде пропуштена. На ова пред неколку дена предупредија здружението на топлинската индустрија БДХ и на здружението за водовод, греење и климатизација ЗВсхК по повод „Самитот за топлински пумпи“, чиј домаќин беше сојузниот министер за економија Роберт Хабек.

Здруженијата бараат новата рамка за финансиска поддршка за замена на парното греење да дојде што е можно побрзо. Цената на електричната енергија што се користи во топлинските пумпи е сè уште превисока во споредба со цената на гасот. Застапниците на потрошувачите објаснија дека владата мора да обезбеди „доволна финансиска поддршка за домаќинствата со ниски приходи да можат да ги покријат инвестициските трошоци за топлинска пумпа“.

Недостигаат квалификувани работници

Но, во занаетчискиот сектор недостигаат и квалификувани работници. Дополнително, често е неопходна интензивно и долго дообразување на постојните вработени. Според портпаролот на Централниот сојуз за водовод, греење и климатизација (СХК), многу мали и средни компании досега биле насочени кон греење на гас и нафта. Во Германија моментално има недостиг од околу 60.000 инсталатери за водовод и греење.

И какви се изгледите? „Ситуацијата за следната година изгледа толку лошо како оваа година. Не можеме да изградиме ништо што не е нарачано или одобрено сега“, објаснува раководителот Милер. „Претпоставуваме дека следната година ќе паднеме многу под 250.000 завршени станови - можеби дури и под границата од 200.000. Токсично е ако не знаеме како зградите на крајот ќе бидат опремени со топлинска технологија.“ Сојузната влада во моментов се држи до својата цел од 400.000 нови станови годишно.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема