Може ли македонска актерка да игра во бугарска претстава?
17 февруари 2023Непријатна епизода, на крајот со позитивен исход, денововие посведочи колку тензиите во политиката може да влијаат во културната соработка меѓу две земји, но и дека сепак може да се надминат. Станува збор за „дилеми“ околу учество на македонска актерка во бугарска театарска претстава, но, за да биде појасна целата слика важно е да се објасни целиот контекст во кој се случува оваа епизода. А, таа е обременета и со внатрешни тензии во националниот театар во Софија, со политички актери во културата, и на крајот - со нивно ставање во контекст на актуелните македонско-бугарски односи. Нивен заеднички именител во еден период стана Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија.
Како почна?
Најуспешниот бугарски режисер Александар Морфов не сака политиката да се меша во културата, а неговиот одговор на таквите појави му создава проблеми уште од крајот на минатата година. Кога во неговата матична куќа, Народниот театар „Иван Вазов“ за портпарол беше назначена Велислава Крстева, позната како долгогодишен пиар на партијата Движење за права и слободи (ДПС), односно на нејзиниот почесен лидер Ахмед Доган, Морфов несогласувањето го изрази со тоа што ја изгреба вратата на нејзината канцеларија, со испишана порака „ДПС - односи со јавноста на Ахмет Доган“ и „Исчезни“. Случајот се претвори во голем скандал и партиски препукувања околу партиските вработувања во културата. Се смета смета дека овој случај е и главната причина поради која службениот министер за култура, Велислав Минеков, беше единствен од претходниот состав кој не влезе и во новата службена влада на Бугарија, иако дел тврдат дека тоа е поради „слаби резултати“.
За случајот со пиарот на ДПС на почетокот на февруари Морфов од судски доставувач добил „барање за давање објаснување“, кое неговата сопруга го нарече „административно тормозење“. Неколку дена подоцна Морфов објави дека „во театарот ќе има уште едно отсуство - од претстава е исфрлен еден гербаџискиски смет“. Медиумите објавија дека станува збор за актерот Евгени Будинов, кој беше пратеник на ГЕРБ во 44-то Народно собрание. По реакциите од ГЕРБ, учесници во претставата објаснија дека причината за отстранувањето на Будинов е неговото постојано доцнење, и отсуството од повеќе претстави токму поради учество на партиски собири.
Има ли бугарски пасош?
Но, отуството на една актерка поради боледување, го однесе Морфов пред уште еден предизвик. Во обидите да ја замени со нејзината колешка од Северна Македонија - Билјана Драгичевиќ -Пројковска, наишол на проблем во почетокот на февруари. За барањето да ангажира македонска актерка не добил официјален одговор од директорот на театарот, Васил Василев. Меѓутоа, по усни разговори меѓу директорот и неговиот заменик, објаснувањата биле дека „во моментов има политички проблеми меѓу Бугарија и Северна Македонија и дека не може да се кани македонска актерка во националниот театар“. Биле поставувани прашања дали таа има бугарски пасош, на кој јазик ќе игра, и се инсистирало Морфов сепак да избере актерка од домашниот театарски тим.
За „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман во режија на Морфов, биле планирани две изведби во февруари (на 8-ми и на 22-ри).
Кога се дознало дека треба да се бара привремена замена за улогата на Серафима Илинична, во дотогашна изведба на Светлана Јанчева, Морфов предложил да ја покани Билјана Пројковска, бидејќи токму таа ја играла истата улога, кога тој пред повеќе години ја постави оваа претстава во Скопје. Во недостиг на време, сметал дека тоа е најдоброто решение, а и Пројковска искажала подготвеност. Пишувал извештаи, објаснувал...На почетокот на февруари директорот бил на боледување, но неговата заменичка (за финансиски прашања) му пренeла дека нема дозвола за замена, бидејќи пречат политичките проблеми меѓу двете држави.
„Јас проверив во културните центри и во Софија, и во Скопје - нема таква проблеми. Се играат претстави, гостува изложба“, објаснил Морфов за „Дневник“.
„Васил Василев бил режисер и би требало добро да разбира како е да се замениш водечка улога во толку сложена претстава и за толку време. Јас предложив најбрзо и безболно решение за да бидат спасени следните претстави кои се распродадени“, изјавил Морфов во вторникот.
Тој посочил дека неколку пати објаснувал оти Пројковска улогата ќе ја научи на бугарски јазик, а благиот акцент може да биде ефект. По откажаната претстава на 8-ми февруари, барал начин да се одржи следната на 22-ри, посветена на 100-годишнината од раѓањето на бугарската режисерка Јулија Огњанова.
Одлука во последен момент
Во средата, директорот изјавил дека „Морфов не е во можност да го реализира тој спектакл и во моментот бара оправдување како да не се одржи“, а што се однесува до раководството на Народниот театар, претставата закажана за 22-ти февруари - ќе се одржи. Но директорот не одговорил на прашањето која актерка ќе ја замени отсутната, ниту дали и какви проблеми има за да биде дозволено учество на актер од Северна Македонија.
Сепак, по прашањата од „Дневник“, во средата попладнето на сајтот на Народниот театар било објавено соопштение, според кое било потврдено дека улогата сепак ќе ја игра Билјана Пројковска.
Во разговор за „Дневник“ на оваа тема, Василев изјавил дека театарот ќе поведе „правна постапка против Морфов за уривање на угледот на театарот“ и затоа што неговите тврдења за случајот со македонската актерка се „шпекулации и инсинуации“.
„Не го мешајте Народниот театар во никакви псевдо фантазии“, рекол Василев.
Иронијата во целиот случај е што - враќањето на режисерот Александар Морфов како „главен“ во Народниот театар, била клучната предност во програмата на Василев, со која тој победил на конкурсот за директор на Народниот театар.
Претставата „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов имаше голем успех во Скопје, и гостувања надвор, а Пројковска за улогата на Серафима Илинчина во 2016 година беше наградена на 51-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Овие „епизоди“ се случуваат во период на заладени односи меѓу Софија и Скопје, но и во време кога политичките тензии во практика најмалку влијаат на културната соработка.На 7-ми февруари во Домот на културата „Борис Христов“ во Пловдив веќе гостуваше Националната опера и балет на РСМ со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“.