1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

М-НАВ: Испливаа на површина и роднинските врски

ДТЗ
15 јануари 2024

Во М-НАВ се вработени сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаата на вицепремиерот Артан Груби и внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски

https://p.dw.com/p/4bF8z
Контрола на летање
М-НАВ како семејна фирма: испливуваат на површина роднинските релацииФотографија: Getty Images

Се шири мрежата на семејни врски на вработени во М-НАВ со актуелни и поранешни министри и политичари. Во М-НАВ се вработени сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаата на вицепремиерот Артан Груби и внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски, како и роднини на поранешни министри и пратеници, објави „Код“ на Телма. 

Меѓу вработените во М-НАВ има и роднини на други функционери и политичари. Меѓу вработените се и снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ, Ејуп Алими, внукот на советникот на директорот во М-НАВ, Беким Незири, кој е еден од осомничените за упадот во контролата на летање, а извори на „Код“ тврдат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.

Роднините на Николовски и на Незири се вработени како помошници контролори, а во оперативниот дел работи и сестрата на министерот Бујар Османи. Останатите роднини работат во администрацијата на М-НАВ. 

Бујар Османи
 Во М-НАВ се вработени сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаата на вицепремиерот Артан Груби и внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски,Фотографија: MFA Nord Mazedonien

„Семејна фирма“ 

Министрите ги потврдиле ваквите информации. Османи на прашањето на „Код“ одговорил дека сестра му работи таму 15 години, а Николовски дека „станува збор за високостручен професионален кадар школуван во Јапонија, Кина, дипломиран на проблематиката каква што се бара на високорангиран универзитет во Словенија, со сите професионални капацитети за какви Република Северна Македонија треба да се бори да ги задржи“.

Родининските врски во М-НАВ испливаа на површина по инцидентите во Контрола на летање, за коишто беа поднесени кривични пријави за осуммина, а меѓу нив е и кадарот на ДУИ, Беким Незири. По упадот во Македонската навигација, на владина седница беше разрешен директорот на М-НАВ и претседател на Управниот одбор, Фахрудин Хамиди, и на негово место беше назначен Хекуран Асани, кој работи како контролор на летање 20 години.

Државниот врв, пак, оцени дека М- НАВ е институција зрела за генерален ремонт и повика Еуроконтрол и домашните институции посериозно да се занимаваат со тоа што се случува таму. 

Александар Тасевски
Контролите се добредојдени, со цел да се провери се` дали е регуларно, за да нема случаи каде некој се вработува за да не мора да доаѓа на работа и да не работи ништо, а да зема плата, порача Синдикатот на Контрола на летањеФотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

„Не доаѓаат на работа - а земаат плата“ 

Премиерот Димитар Ковачевски, минатата недела при посетата на Сарај, рече дека М-НАВ е станата „семејна фирма“. „Има до трето колено вработувања од исто семејство. На претседател на синдикат татко му работел таму, брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во кое имаат конфликти кои обично се случуваат по дома“, рече Ковачевски.

Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, кој беше прозван, во изјава за ДВ тогаш порача дека контролите се добредојдени, со цел да се провери се` дали е регуларно, за да нема случаи каде некој се вработува за да не мора да доаѓа на работа и да не работи ништо, а да зема плата.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ  во емисијата на радио „Лидер“ изјави дека му пречи селективноста на премиерот. „Со едното око гледа што прави претседателот на синдикатот и му наоѓа семејни врски, дека татко му уште од времето бил во југословенска авијација и слично. А, се прави дека не гледа дека снаата на Артан Груби, дека сестрата на Бујар Османи и дека два зетовци и еден син на Ејуп Алими и на Беким Незири се вработени во М-НАВ“, вели Милошоски.

Тој оценува дека со инцидентот во М-НАВ се нанесе голема штета на репутацијата на Македонија не само во регионот туку и пошироко.

„За жал тоа што се случи во М-НАВ нанесе голема штета на репутацијата на Македонија, не само регионално туку пред се во имиџот и перцепцијата на Македонија пред ЕУ. Бидејќи ова би требало да биде институција сосема надвор од семејни стебла, институција каде што ќе доминираат стандардите, строги стандарди кои што треба да се исти и во Лондон, и во Виена, и во Скопје и во Берлин“, вели тој.