Митинг на Трамп: Навреди за Харис и расистички испади
28 октомври 2024Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ја нападна потпретседателката Камала Харис на митингот во Медисон Сквер Гарден, во неговиот роден град Њујорк, во неделата вечер (27 октомври, 2024).
„Ја уништивте нашата земја. Нема повеќе да го трпиме тоа, Камала, отпуштена си. Излези. Излези. Отпуштена си“, рече Трамп пред насобраните. Тој, исто така, ја нарече Харис „личност со многу низок коефициент на интелигенција“.
„Овие избори се избор помеѓу тоа дали ќе имаме уште четири години груба неспособност и неуспех, или дали ќе ги започнеме најубавите години во историјата на нашата земја“, рече тој.
Во својот говор, кој траеше околу еден час и 15 минути, Трамп главно ги повтори ветувањата кои ги даде во текот на кампањата, како што е ограничувањето на илегалната имиграција.
Тој постојано го поврзува насилството на бандите со илегалната имиграција, ветувајќи дека ќе ја спречи „инвазијата на криминалци кои доаѓаат во нашата земја“ доколку победи на изборите на 5 ноември.
Тој повика на смртна казна за секој мигрант кој ќе убие американски државјанин или полицаец.
Неколку часа пред да зборува Трамп, некои од воведните говорници, во Медисон Сквер Гарден, со 20.000 седишта, меѓу кои беше и милијардерот Илон Макс, привлекоа овации со своите критики против Харис, Порторико и Латиноамериканците во финалниот дел на една од најтесните трки за Белата куќа досега.
Пријателот на Трамп од детството Дејвид Рем ја нарече Харис, која се бори да стане првата жена која ќе биде избрана за претседател, „Антихрист“ и „ѓавол“.
Во меѓувреме, Руди Џулијани, поранешниот градоначалник на Њујорк и поранешен личен адвокат на Трамп, тврдеше дека Харис била „на страната на терористите“ во израелско-палестинскиот конфликт и дека сакала да ги доведе Палестинците во САД.
Комичарот Тони Хинчклиф употреби груб јазик за да се пошегува дека Латиноамериканците „обожаваат да прават бебиња“ и ја нарече карипската американска територија Порторико „пловечки остров на ѓубре“.
Коментарите на Хинчклиф веднаш беа критикувани од кампањата на Харис и од порториканската музичка ѕвезда Рики Мартин, кој беше меѓу првите кој ја поддржа Харис кога таа ја започна својата претседателска кандидатура во јули.