1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерствата и општините трошат 2 милиони евра за адвокати

ДТЗ
12 декември 2024

Општините и Град Скопје лани потрошиле 1,1 милион евра за исплати на адвокати, а министерствата за адвокатски услуги дале еден милион евра, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации.

https://p.dw.com/p/4o3nt
адвокати, тужби
Нема правила како се ангажираат адвокатите кои наплатиле два милиони евра за една година од министерствата и општинитеФотографија: picture alliance/Bildagentur-online

Два милиони евра се одлеале од општините и министерствата во Северна Македонија за една година само за адвокатски услуги. Општините и Град Скопје лани потрошиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за исплати на адвокати, а министерствата за адвокатски услуги дале 62.428.934 денари или еден милион евра. Ова го покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации. 

Истражувањето покажало дека парите што министерствата и општините заедно ги плаќаат на адвокати се две третини од вкупните пари што за оваа намена ги исплаќаат сите буџетски институции заедно. Околу 40% од исплатените 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи.

Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, додека кај министерствата на прво место е Министерстото за финансии (за функции на државата), по што следат министерствата за правда и за труд. 

Скопје
Град Скопје и Гази Баба имаат исплатено најмногу средства за адвокатиФотографија: DW/A. Feilcke

Нема правила како се ангажираат адвокатите 

Најголем дел од општините, за разлика од министерствата, редовно ангажираат адвокати. Набавката на услуги од адвокати за правно застапување и советување во судски постапки во земјата и во странство е исклучена од Законот за јавни набавки. Но, иако за оваа намена се трошат милионски суми, сепак, општините и министерствата немаат пишани правила за процедурата за набавка на услуги од адвокат.

Но, според ЦГК, општините и министерствата немаат пишани внатрешни правила за ангажирање адвокати, имајќи предвид дека набавката на услуги од адвокат е исклучена од Законот за јавни набавки. Меѓу одговорите од општините има најразлични објаснувања за начинот на избор на адвокат и тоа: „Врз основа на нивниот углед и искуство во поглед на природата на предметите“; „Лесно достапни до општината, кои имаат канцеларија во истата општина“; „Врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите и врз основа на добиени препораки за нивната досегашна работа“; „Со непосредна спогодба“; „По слободен избор“; „Го избрал градоначалникот“ и „Од именикот на адвокати“.

И кај министерствата, од трите што ангажирале адвокати, само едно спровело постапка на избор со три понуди.

пресметка, финансии, пари, трошоци
Општините и Град Скопје лани потрошиле 1,1 милион евра за исплати на адвокати, а министерствата за адвокатски услуги дале еден милион евраФотографија: Fotolia/photocrew

Градот Скопје - лидер за плаќање адвокатски услуги 

Сите општини и Град Скопје, во 2023 година исплатиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за адвокати по различни основи. Најчеста основа е за „правни услуги“, потоа „трошоци по извршни исправи“ и „плаќања по судски решенија“. 40-тина проценти од исплатената сума од 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи како извршни исправи, судски решенија и.т.н.

Од 81 единица на локална самоуправа, 72 имале исплати за користење на адвокатски услуги во 2023 година, додека општините Босилово, Валандово, Градско, Делчево, Зрновци, Јегуновце, Карбинци, Липково и Пласница не користеле услуги на адвокати, ниту исплатиле адвокати врз други основи.

Градот Скопје потрошил 13.157.312 денари или 214 илјади евра за адвокати во 2023 годинаодносно 21,5 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа заедноОвие средства се исплатени на вкупно 106 адвокати чии што услуги Градот Скопје ги користел или морал да им исплати во 2023 година. Од нив, најголем износ е исплатен за услугите на адвокатката Билјана Панова и тоа 3.020.639 денари или околу 49 илјади евра. 

Општина Гази Баба е на второто место со исплатени 7.589.821 денари или 123 илјади евра, што претставува 11,3 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа. Овие средства се исплатени на четворица адвокати.