Планови за олеснето добивање германско државјанство
25 ноември 2022Во иднина, според намерите на Министерството за внатрешни работи на Германија, за добивање германско државјанство треба да важат полесни услови, пишува весникот „Билд“. Повикувајќи се на извори од Министерството за вантрешни работи, „Билд“ пишува дека во иднина, според плановите, децата кои се родени во Германија, а чии родители се странци, би добивале автоматски германско државјанство доколку еден од родителите има најмалку пет години „законски вообичаен престој“ во Германија. Тоа значи дека сегашниот услов за престој од осум години за добивање државјанство би се скратил на пет години. Доколку станува збор за случај на лица со „особени достигнувања во процесот на интеграција“, тој рок би се скратил на три години, цитира „Билд“ учесници на состанокот на претставници на сојузното и на покраинските министерства околу ова прашање.
Во случаите со лицата над 67-годишна возраст министерката Фезер бара откажување од обврската за приложување доказ за познавање на германски јазик. Наместо тоа, како што пишува „Билд“, во иднина би била доволно „способност за усно разбирање“.
Торстен Фрај од опозициската Христијанско-демократска унија ги критикува плановите за измени на актуелниот закон. „Германскиот пасош не смее да стане безвредна стока“, коментира тој за „Билд“. Андреа Линхолц од опозициската Христијанско-социјална унија, пак, додава: „Со тоа на странците во Германија ќе им се одземе голем поттик за интеграција.“