1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Минхенска безбедносна конференција: Авиони за Украина?

Франк Хофман | Микола Бердник
17 февруари 2023

Полска сака на Украина да ѝ испорача борбени авиони Ф-16, заедно со сојузниците. Киев веќе подготвува соодветни писти за западните авиони. Варшава притиска одлуката да падне веќе на Безбедносната конференција во Минхен.

https://p.dw.com/p/4NdE6
Испораката на американски борбени авиони од типот Ф-16 изгледа дека е најреалистична опција за Украина
Испораката на американски борбени авиони од типот Ф-16 изгледа дека е најреалистична опција за УкраинаФотографија: Johnson Lai/AP Photo/picture alliance

Очајничкото барање на Киев започна уште од првите часови на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година: „Затворете го нашето небо“,  секогаш одново повторуваат луѓето во Украина. Но, зона на забранети летови спроведена од НАТО, како некоаш над Босна и Херцеговина за време на тамошната војна во 1990-тите години, државите поддржувачи на Украина, во прв ред САД, категорично отфрлаат уште од самиот почеток на руската инвазија.

Таквиот ангажман би значел влез во војната на западната алијанса. И тоа треба да се избегнува по секоја цена. Неодамна, украинскиот претседател, Володимир Зеленски, го преформулира повикот за „затворање на небото“ во неговиот говор пред двата дома на британскиот парламент во Лондон: „Дајте ни крилја“, побара тој, значи борбени авиони за украинските пилоти да можат го заштитат воздушниот простор над земјата.

Разурнувања по руски ракетен напад во украинскиот град Комишувака
Разурнувања по руски ракетен напад во украинскиот град КомишувакаФотографија: AP/dpa/picture alliance

САД финансираат обука за пилоти

Уште во јули 2022 година, Претставничкиот дом на САД одобри 100 милиони долари за финансирање на обука за украинските пилоти на борбениот авион од типот Ф-16 од американско воено производство. Полска им испорача стари советски борбени авиони МиГ-29 на украинските воздухопловни сили веднаш по почетокот на руската агресорска војна.

Не е исклучена и испорака на натамошни борбени авиони МиГ,  кои украинските пилоти знаат да ги управуваат. Но, дури и тие не би можеле многу да ѝ помогнат на неговата земја по една година војна, вели за ДВ, Јури Игнат, портпарол на украинските воздухопловни сили. „Денес таквите советски авиони нема да можат да го променат текот на војната.“

Тие, според него, би можеле само да ги дополнат залихите од „резервни делови, муниција и евентуално ракети“ на малата авионска флота што остана во Украина, Но, тие не би помогнале против воздушната супериорност на руските напаѓачи.

„Мораме да се префрлиме на западни авиони“, анализира Игнат, во спротивно Украина би останала „технолошки инфериорна“ во однос на Русија. Украинските пилоти во нивните стари советски борбени авиони со застарен радар не би забележале ни доколку кон нив биде испукан проектил, вели портпаролот на украинските воздухопловни сили. Но, руските воени авиони сега главно од безбедна далечина ги испукуваат своите проектили врз инфраструктурата и цивилите во Украина. Ова се должи на западната воена опрема што Украина ја доби во изминатите единаесет месеци: противвоздушните оклопни возила, како оние од типот  „Гепард“, испорачани од Германија, очигледно успешно ги држат руските машини на растојание. 

„Русија се прилагоди на дострелот на вооружувањето кое ѝ стои на располагање на Украина“, изјави за ДВ, Нико Ланге од Минхенската безбедносна конференција (МСЦ). Експертот за Украина посочува на таканаречениот копнен мост окупиран од Русија до полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година. Трупите на Кремљ таму „на југот, каде релативно мал појас е окупиран од страна на Русија, одржуваат вредна командна и контролна инфраструктура како и логистички инфраструктури надвор од дострелот на украинското вооружување“.

За да имаат какви било шанси да ја повратат окупираната територија, вели Ланге, на украинските сили им треба „подолг дострел за да го подготват бојното поле за напад за ослободување на областа“. Поранешниот командант на армијата на САД во Европа, генералот Бен Хоџис, го истакна ова во интервју за ДВ за украинските вооружени сили: „Колку побрзо ги доведеме во состојба  да постигнат одлучувачки резултат, толку побрзо војната би можела да заврши“.

Хоџис бара брза испорака на борбени авиони а ,со месеци, и проектили со долг дострел за Украина.  Со тоа, украинските вооружени сили најпрво би можеле да ги нападнат линиите за снабдување меѓу фронтот и украинското крајбрежје на Азовското Море и по неговото успешно освојување да го нападнат и мостот помеѓу руското копно и Крим. Полуостровот тогаш ќе биде отсечен од руските линии за снабдување.

Полска бара одлука на Минхенската безбедносна конференција

Всушност, полската влада притиска за одлука за испорака на западни борбени авиони веќе на маргините на Минхенската безбедносна конференција, која од денеска. 17 февруари до недела 19 февруари традиционално се одржува во германскиот град. Тоа го побара амбасадорот на Варшава во Берлин во интервју за германските медиуми на почетокот на февруари. Полска и Холандија, веќе со недели, не ја исклучуваат испораката на борбениот авион на НАТО- Ф-16.

Но, аналитичарите, секогаш одново, дискутираат и за други западни авиони. Меѓу ни е и борбениот авион Грипен на шведскиот производител на вооружување- Сааб, кој се произведува од средината на 1990-тите. Грипен „ќе одговара на нашата клима“, изјави за ДВ Јури Игнат од украинското воздухопловство. Но, „адаптирањето на Грипен може да трае со децении“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, во јануари, не ја исклучи можноста и за испорака на слично новите француски авиони од типот Рафал . Ова летало е „едно од најскапите авиони во светот“, вели Игнат и прашува: „Колку од нив може да се испорачаат, кој ќе плати за тоа? 

Уништени куќи по руски ракетен напад во градот Харков на почетокот на мај 2022 година
Уништени куќи по руски ракетен напад во градот Харков на почетокот на мај 2022 годинаФотографија: Andrii Marienko/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Нови писти за западните борбени авиони

Повеќе од 4.000 авиони Ф-16 се произведени откако моделот влезе во сериско производство,  потенцира портпаролот на украинските воздухопловни сили, Игнат. „Повеќе од 20 земји располагаат со него“, вели Игнат. „Исто така, јасно е кој може да ни ги даде овие авиони, кои земји и колку. Затоа леталото од Студената војна е „најдобриот кандидат за Украина“.

Портпаролот вели дека е убеден оти домашните пилоти за половина година ќе летаат со западниот воен авион во Украина, подготовките на теренот веќе се во тек. Според него, украинските градежни работници веќе подготвуваат нови писти на различни аеродроми и децентрално ги претвораат нормалните патишта за полетување и слетување на борбениот авион Ф-16. За разлика од старите модели МиГ-29, западните борбени авиони може да претрпат оштетувања на старите бетонски писти од советската ера.