1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГрција

Мигрантска трагедија: вината на грчката крајбрежна стража?

15 јули 2023

По страшната трагедија во Средоземно море во која загинаа неколку стотини бегалци и мигранти, и натаму се бараат виновниците. Каква улога одигра грчката крајбрежна стража? Дали е одговорна за несреќата?.

https://p.dw.com/p/4TsJ5
Брод на грчката крајбрежна стража со тела на загинати мигранти во бродската несреќа во средината на јуни 2023 година
Брод на грчката крајбрежна стража со тела на загинати мигранти во бродската несреќа во средината на јуни 2023 годинаФотографија: Stelios Misinas/REUTERS

И еден месец по страшната несреќа, односно тонењето на бродот пред грчкото крајбрежје, многу членови на семејствата на загинатите и натаму чекаат на разјаснување на околностите на трагедијата и на вести за тоа што се случува со нивните најмили.

Али Шах (32) од Пакистан се надева дека неговиот внук го преживеал бродоломот во кој загинаа неколку стотина лица. Грчките власти зеле примерок од неговата ДНК и тој од тогаш чека на одговорите кои го мачат. „Само велат дека морам да чекам и тоа е сѐ”, вели тој за ДВ. „Во Европа многу се зборува за хуманоста. А, нели сме сите ние луѓе?”

Шах е сигурен дека можело се спасат многу повеќе човечки животи. Преполниот брод „Андријана” на кој имало 700 патници, потона на 14 јуни пред Пилос во Јонско море. Спасени беа само 104 лица.

Истражувањата на новинарска мрежа во која учествувале новинари од британскиот весник „Гардијан”, германскиот јавен сервис НДР и грчкиот истражувачки медиум „Соломон”, покажаа дека има нови детали за несреќата. Новинарите разговараа со 26 преживеани, добија увид во судските документи, споредија сателитски податоци и бродски дневници и анализираа видео-снимки од околните товарни бродови. Врз основа на новите сознанија, берлинската истражувачка агенција „Форензис” изработи компјутерска симулација на она што се случувало во часовите пред бродоломот. Таа буди големи сомнежи во официјалната верзија на приказната која ја понуди крајбрежната стража на Грција.

Истражувањето покажа дека бродот со часови пловел наоколу и дека набрзо откако му се приближил чамец на грчката крајбрежна стража тргнал кон запад. Преживеаните раскажуваат на новинарите дека крајбрежната стража ги следела на тој курс, односно им гарантирала дека во Италија ги чека брод на тамошната крајбрежна стража.

Бродот „Андријана“ во кој имало околу 700 бегалци, пред да потоне кај грчкиот брег
Бродот „Андријана“ во кој имало околу 700 бегалци, пред да потоне кај грчкиот брегФотографија: Hellenic Coast Guard/REUTERS

Грчката крајбрежна стража тврдеше дека брод со мигранти тргнал кон Италија по сопствена желба. Истражувањето на Би-Би-Си од 18 јуни во рамки на кое се анализира движењето на бродовите преку една веб-страница, уште тогаш ја спореше официјалната верзија на грчките власти.

Зошто бродчето потонало?

Изјавите на преживеаните уште повеќе вина префрлаат на грчките власти. Тие тврдат дека бродот почнал да тоне дури откако крајбрежната стража почнала да го влече со помош на јаже бродот кој во тој момент веќе не бил управлив. Две личности кои ја преживеаа трагедијата и со кои разговараа новинарите опишуваат како грчката крајбрежна стража го прицврстила нивниот брод со помош на јаже. Други сведоци кои во тој момент се наоѓале под палубата, велат дека се сеќаваат на едно нагло движење што упатува на обид за одвлекување на бродчето.

Грчката крајбрежна стража ги отфрли приговорите и соопшти дека на преполниот брод му понудила помош, односно дека фрлиле јаже на мигрантскиот пловен објект, но дека како што нагласуваат не го тегнеле и не се одговорни за потонувањето.

Нејасно е заради што грчката крајбрежна стража ги игнорирала трите понуди за поддршка од Фронтекс, односно зошто операцијата не е снимана? Бродот на крајбрежната стража кој во 90% го финансира ЕУ, е опремен со камери, на кои како што тврдат истражувачките новинари, не им е потребно поголемо управување од луѓе. Грчката крајбрежна стража наведува дека нејзините припадници се концентрирале на спасување на луѓе, а не на снимање.

Фронтекс одби да го коментира на прашање на ДВ случајот, посочувајќи на истрагата која е во тек. Додава дека со несреќата ќе се занимава и Одделот за основни човекови права. Од Фронтекс не сакаа да кажат ништо ниту за камерите кои не биле користени.

Преживеани патници на потонатиот брод „Андијана“
Преживеани патници на потонатиот брод „Андијана“Фотографија: Angelos Tzortzinis/REUTERS

Комисијата бара транспарентност

Во Грција случајот го истражува и Државното обвинителство. Новиот министер за миграција, Димитрис Каридис, ги отфрли обвинувањата на сметка на грчките власти. Крајбрежната стража, вели тој, била таа што спасувала луѓе, а не невладини организации, странски новинари или претставници на ЕУ. „Ние сме хуманитарни, ама не сме наивни”, вели Каиридис.

Веќе со години медиумите и меѓународните хуманитарни организации сведочат на нелегални „пушбекови” од грчките власти.

Многумина бараат воведување независен надзор на надворешните граници на ЕУ, а како една од причините наведуваат наводни дефицити по прашањето на независноста на надлежните институции кои би требало да го истражуваат кршењето на европските права.

Таквите проблеми ù се многу добро познати на Илва Јохансон, европратеник за внатрешни работи. И покрај бројните индиции и докази за илегално однесување од страна на грчките власти изминатите години, таа до сега не инсистирала на отворање на постапка во чии рамки би се утврдило дали Грците ги кршат правилата на ЕУ. Пратеничката освен тоа ни јавно не ја опоменала Атина. По хаваријата на бродот со неколку стотина бегалци и мигранти, службата за односи со јавноста на пратеничката Јохансон потсети дека разјаснувањето на околностите е во правна надлежност на Грција.

Во разговор со надлежните министри во Атина, пратеничката како што се додава „барала целосно разјаснување” за во рамки на „транспарентна истрага” да се заклучи што точно се случило, а сѐ со цел „казнено-поправно да се процесира можното непримерно однесување”, одговорија од нејзината канцеларија на прашање на ДВ.

Во Грција бродоломот предизвика протести против крајбрежната стража
Во Грција бродоломот предизвика протести против крајбрежната стражаФотографија: LOUIZA VRADI/REUTERS

Повеќе одговорност од членките на ЕУ

Претставникот на Зелените во Европскиот парламент, Ерик Маркард, смета дека таквите изјави пред сѐ се празни зборови. Тој бара поодлучни мерки на ЕК и на членките на ЕУ.

Освен искажување на жалост заради она што се случи немаше некои посериозни реакции, тврди тој, и додава дека се покажува премалку интерес за расветлување на улогата на грчката крајбрежна стража во несреќата. „Како би требало да функционира демократијата кога земјите членки на ЕУ во вакви случаи едноставно лажат, тоа за сите е очигледно, кога никој ништо не кажува?”, рече Маркард во интервју за ДВ. Ако политиката сега бега од тоа јасно и гласно да осуди непримерно однесување на европските институции, тоа не е соодветно на сериозноста на ситуацијата, вели претставникот на Зелените.

За Маркард притоа не се работи само за тоа да се почитуваат правата на барателите на азил, туку заштита на владеењето на правото во ЕУ. „Една земја во која одредени групи немаат никакви права, кога-тогаш ќе стане земја во која никој веќе нема да ужива во правото”, напоменува нашиот соговорник Маркард и опоменува дека за правото и поредокот нема да одлучуваат законите и парламентот, туку само моќниците.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи