Германија: Што вклучува „безбедносниот пакет“ на владата?
16 октомври 2024Летоска два напади со нож, во кои беа убиени четири лица, предизвикаа жестока дебата во Германија. Двајца осомничени исламисти нападнаа луѓе во Манхајм и Солинген. Едниот сторител беше Авганистанец кој живее во Германија, другиот доаѓа од Сирија.
И поради тоа што на покраинските избори на почетокот на септември во Саксонија и Тирингија, Алтернатива за Германија (АфД), која е класифицирана како десноекстремна, освои зголемен број гласови, зашто безбедноста и азилот ги имаше како главни теми, сојузната влада вети построги закони во борбата против исламизмот и заострување на законите за азил, како и законот за престој и законот за оружје.
Сега владејачката коалиција составена од СПД, Зелените и ФДП постигна согласност за модифициран „безбедносен пакет“. Веќе за плановите имаше критики, поради што владејачките партии дополнително го коригираа планот.
Што обезбедува т.н. безбедносен пакет?
Новиот „безбедносен пакет“ предвидува, на пример, заострување на законите за оружје. Забраната за носење нож треба да се заостри, а во некои случаи да постои апсолутна забрана на одредени настани. Треба да постојат исклучоци во туристичката бранша.
Планирано е и проширување на овластувањата на Сојузната полиција и Сојузната криминалистичка служба (БКА). Дозволена е биометриска споредба за препознавање на лица, но само при обработка на најтешките кривични дела.
Најмногу се дискутираше околу заострувањето на законот за азил и престој. Пакетот предвидува намалување на социјалните бенефиции за бегалците кои веќе се обврзани да ја напуштат земјата и кои веќе биле регистрирани во друга земја на ЕУ пред да пристигнат во Германија. Но, со исклучок дека тоа важи само за оние бегалци за кои Сојузната служба за миграција и бегалци смета дека е „правно и реално можно“ да ја напуштат земјата.
Коалициските партии исто така сакаат да го олеснат депортирањето на лица кои извршиле тешки злосторства. А доколку лицата со право на азил одат во својата татковина, тоа треба да биде причина во иднина да им се одземе статусот на заштита. Но, и овде треба да има посебни случаи, како што е погреб на родителите.
Кои се критиките?
Критиките за овие планови не изостануваат. Од опозициската партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) велат дека пакетот е „шуплив како швајцарско сирење“ поради последните измени.
Политичарот на ЦДУ и министер за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл, за Дојчландфунк изјави дека има сериозни сомневања дека овој пакет на крајот ќе ги реши проблемите. Тој побара поголема слобода во работата на полицијата и Службата за заштита на Уставот.
Здружението на судии зборува за „мини пакет“. Со забраните за ножеви и сега договорените нови полициски овластувања, нема многу да се добие во однос на внатрешната безбедност. Нешто клучно е изоставено: владејачките партии не се договорија за нова регулатива за меморирање на ИП-адреси, што всушност би претставувало чекор напред во борбата против криминалот.
Од друга страна, основните критики веќе беа искажани пред преговорите за овој пакет. Работната група на СПД за миграција критикуваше зошто, со оглед на исламистички мотивираните злосторства, правилата се заострени за сите баратели на азил. „Мерките едвај имаат некаква врска со Солинген, но ставаат цела група на население под општо сомневање и веројатно ќе предизвикаат голем хаос во службите“, критикуваше претседателот Азиз Бозкурт, кој е државен секретар во покраинската влада во Берлин.
Новинарката и експертка за миграциски прашања Гилда Сахеби на платформата Х напиша дека ослабениот безбедносен пакет има погрешен фокус: „Интересно, законски предлог кој се нарекува 'безбедносен пакет’, им ги укинува социјалните додатоци на луѓето и со тоа ја зголемува опасноста од осиромашување, криминал и радикализирање. Тоа нема врска со безбедноста, само со (нефункционирачкиот) одземачки лов на гласови од АфД“.
Што е следно?
Комисијата за внатрешни работи денеска (16.10) ќе гласа за измените на владините предложени закони. Најдоцна до петок во Бундестагот треба да биде усвоен изменетиот „безбедносен пакет“. Сепак, прашање е дали тоа навистина ќе се случи. Шефот на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот, Фридрих Мерц, сака да препорача пратениците на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот да го отфрлат планираниот пакет закони.