1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Планот за дестабилизација е осуетен

ДТЗ
3 октомври 2024

„Жалам што раководството на ДУИ и Али Ахмети ја споредија својата партија и членовите со гума за спасување. Очекував поголема креативност“, коментираше денеска премиерот Христијан Мицкоски.

https://p.dw.com/p/4lMtC
Христијан Мицкоски
Мицкоски и Таравари контра Ахмети: ДУИ полека се навикнуваат на опозицијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„ДУИ полека, но сигурно се навикнува како опозициска партија. Жалам што раководството на ДУИ и Али Ахмети ја споредија својата партија и членовите со гума за спасување. Очекував поголема креативност“, коментираше денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако во четвртокот (02.10) лидерот на ДУИ, Али Ахмети на конференцијата „100 дена скандали, понижувања и неуспеси“, изјави дека Европскиот фронт не е заинтересиран да стане дел од Владата, бидејќи не е резервна гума.

Со сличен став излезе и министерот за здравство Арбен Таравари. Коментирајќи го повикот на Ахмети, коалиција „Вреди“ да излезе од Влен да излезе од Владата и да се приклучи на опозицијата, тој рече дека ДУИ полека се навикнува во опозиција. „Мислам дека полека се навикнува во опозиција, се надевам дека ќе се навикне уште подобро“, рече Таравари. 

Али Ахмети
Премиерот им порача на ДУИ дека им посакува опозициски денови во коишто ќе се реформираатФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Им посакувам да се реформираат“ 

Премиерот им порача на ДУИ дека им посакува опозициски денови во коишто ќе се реформираат и ќе можат да го најдат својот програмски идентитет. „Исто така, кадровски да се реформираат со нови свежи кадри па можеби на некои од следните избори ќе се појават со поинаков пристап од оној којшто го гледавме изминативе повеќе 20 години, пристап во којшто главна цел беше што повеќе да се украде, главна цел беше што повеќе да се направат пакости на граѓаните“, рече Мицкоски, кој присуствуваше на промоцијата на новиот апарат за магнетна резонанца во поликлиниката „Идадија“, заедно со министерот Арбен Таравари.

Осуетен план за дестабилизација 

„Европскиот фронт“ најави дека во наредниот период секојдневно ќе одржуваат прес-конференции на кои ќе ги посочуваат, „скандалите и неуспесите на Владата“, по што ќе следат протести. 

Мицкоски смета дека првичните обиди за дестабилизација очигледно се осуетени. „Сега поминуваме кон помека реторика – ќе протестираме. Јас сум кажал многупати во минатото дека демократските и мирни протести се демократска алатка и тука никој нема против. Сѐ додека тие се мирни и демократски ние немаме против, тоа е убавината на демократијата, ние да имаме и различни мислења, не можеме да имаме исти мислења за сѐ“, вели Мицкоски.

Но, доколку тие протести од мирни, демократски, преминат во насилство, премиерот вели дека тогаш ќе мора да ги одбраниме институциите.