1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Марк Руте е нов генерален секретар на НАТО

Бернд Ригерт
1 октомври 2024

Јенс Столтенберг замина, а на негово место дојде поранешниот холандски премиер Марк Руте. По загубените избори дома, тој сега почнува да работи на меѓународна сцена.

https://p.dw.com/p/4lHW7
Брисел | Марк Руте е нов генерален секретар на НАТО
Марк Руте е нов генерален секретар на НАТОФотографија: Jonas Roosens/ANP/picture alliance / ANP

Марк Руте отсекогаш се истакнувал по доброто расположение и некои „кул“ забелешки. Кога беше премиер на Холандија, уживаше во возење велосипед од неговиот скромен стан во Хаг до неговата официјална резиденција. Талентираниот пијанист дури и јавно свиреше на пијано на главната железничка станица во Хаг. Во едно училиште редовно држеше настава по политика.

Како генерален секретар на НАТО, веројатно малку ќе се воздржува и ќе се однесува подипломатски. Конечно, негова главна задача ќе биде да ги балансира спротиставените интереси меѓу 32-те земји членки на Алијансата и да овозможи таа отстрана да изгледа обединета. „Најважната задача на секој генерален секретар е да обезбеди единство на алијансата“, изјави за ДВ Тимо Костер, поранешен дипломат на НАТО. Неговиот претходник, Норвежанецот Јенс Столтенберг, беше стоички мајстор во тоа.

НАТО | Марк Руте и Јенс Столтенберг
Марк Руте и претходникот Јенс Столтенберг (д.) важат за градители на мостовиФотографија: NATO

„Неверојатно интересно“

„Вистинското лидерство бара способност да се слушаат и да се разберат различните перспективи“, рече еднаш самиот Марк Руте во еден говор. Кога во јуни стана јасно дека ќе седне во шефовската фотелја во НАТО, Марк Руте се појави лежерно облечен пред својата канцеларија во Биненхоф, во Хаг, и прво направи неколку селфи-фотографии со изненадените туристи. Потоа, со изглумена скромност, на новинарите кои чекаа им објасни: „Па, всушност не ја сакав работата на почетокот“. Некои луѓе го советувале да го направи тоа затоа што може, изјави Руте. „Со сè што се случува во Украина и големата нестабилност во светот, мислев дека не можам туку така да го испуштам тоа. Тоа е неверојатно интересна позиција“.

Со Орбан - најтешко

Сепак, итриот Холанѓанец, кој 13 години водеше четири сложени коалициски влади, во јуни не спомна дека од октомври минатата година води дискретна изборна кампања во главните градови на земјите на НАТО. Во јули 2023 година тој ги загуби изборите во Холандија и беше соборен од десничарската екстремистичка партија на Герт Вилдерс.

Како цврст трансатлантичар и жесток поддржувач на Украина, 57-годишниот историчар успеа прво да ги убеди САД, а потоа и огромното мнозинство од нивните сојузници. Но, со неговиот европски интимен непријател, Виктор Орбан, му требаше малку подолго. Марк Руте во писмо мораше да му вети на десничарскиот националистички унгарски премиер дека Унгарија никогаш нема да мора да учествува во активностите на Алијансата за Украина надвор од територијата на НАТО за време на неговиот мандат како Генерален секретар на НАТО. Виктор Орбан, кој е наклонет кон Русија, исто така ги отфрли испораките на оружје.

Марк Руте и Володимир Зеленски
Прегратка за украинскиот претседател Зеленски во јуни во Франција: Руте ја поддржува одбранбената борба против РусијаФотографија: Christian Hartmann/REUTERS

Либералниот Холанѓанец и нелибералниот Унгарец често се судираа во Европската унија. Во 2021 година, Марк Руте јавно го критикуваше Виктор Орбан, велејќи дека ако не му се допаѓа во ЕУ, може да замине. Орбан го обвини Руте за сите кризи во ЕУ.

Можеби ќе треба да се скротува Трамп

Доколку Доналд Трамп повторно стане претседател во САД и го насочи својот нишан кон НАТО, Марк Руте е подготвен. Тој изненадувачки разви добри односи со Трамп за време на неговиот прв мандат. Доналд Трамп дури го нарекува пријател, иако либералниот шеф на владата на трговската нација Холандија жестоко се спротивстави на економските политики на републиканецот.

„Ако Доналд Трамп добие втор мандат, тогаш сојузниците се уверени дека Руте е клуч за правење на алијансата 'сигурна од Трамп'. Тој се доживува како смирен и уреден. Тој знае како да се носи со едно преголемо его. Тој има работено со Трамп“, објаснува Рејчел Рицо од трансатлантскиот тинк-тенк „Атлантски совет“.

Марк Руте и Доналд Трамп
Ако мора, може да се справува и со Трамп (д.): Марк Руте во Овалната соба во 2018 годинаФотографија: Alex Brandon/picture alliance

Сепак, за разлика од Трамп, Марк Руте како премиер се залагаше за испорака на оружје за Украина, па дури и обезбедуваше хаубици и борбени авиони од холандската армија. Таа за време на 13-те премиерски години на Руте, финансиски не беше добро опремена. Дури оваа година Холандија првпат ќе ја достигне целта на НАТО да потроши два отсто од брутодомашниот производ (БДП) за одбрана.

Холанѓанецот со години гледа на рускиот владетел Владимир Путин со сомнеж и отфрлање - на крајот од краиштата, Русија веројатно беше делумно одговорна за соборувањето на патничкиот авион MХ-17 над источна Украина во 2014 година. Загинаа над 200 луѓе, од кои повеќето Холанѓани.

Не е визионер

Во Европската унија, Марк Руте често важеше за „Господин Не“, пренесува дипломат од ЕУ. Далекусежните реформски планови и визии во стилот на францускиот претседател Емануел Макрон, за него беа анатема. Марк Руте одлично се согласува со прилично студениот германски канцелар Олаф Шолц. Но, тој се согласува и со десничарската премиерка од Италија, Џорџа Мелони. Заедно со неа, тој се залагаше за преместување на процесот за доделување на азил во трети земји.

Тој е нешто како Худини на политиката, смета неговата биографка Шејла Ситалсинг. Како уметник за бегство, Руте може да се извлече од речиси секоја криза, оценува таа. Квалитет кој може да му биде од полза на неговата нова функција како Генерален секретар на НАТО.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија