Загадување: Над 700 објекти се греат на нафта и мазут
25 октомври 2023Околу 700 јавни објекти во Северна Македонија се загадувачи, бидејќи се греат на мафта и мазут. Ова се укажувањата на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која што изработи мапа на загадувачи. Околу стотина јавни објекти како болници, градинки, училишта, касарни, судови и други установи во Скопје користат нафта и мазут за затоплување и покрај тоа што градот има централно парно греење. Објекти што го загадуваат воздухот има и во другите градови.
„Ако е студена зимата тие може да изгорат над 16,5 милиони литри нафта и над 4,8 илјади тони мазут. Тоа ќе го дишеме, се разбира. Во секој град во Македонија имаме гроздови од вакви објекти во самите јадра кои чадат секоја зима“, посочуваат од „Шанса за Центар“.
Повеќе градови на мапата
По скопското мапирање, „Шанса за Центар“ ги лоцираше и објектите коишто загадуваат низ цела Македонија. Притоа детектирани се речиси 700 такви објекти. Нема град кој во своето урбано јадро нема еден куп јавни објекти кои го загадуваат воздухот. Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар...
Притисок
Во 2023 година не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Тие ќе продолжат да загадуваат и оваа зима, со што земјата повторно ќе биде меѓу трите најзагадени земји во Европа.
„Се подготвува новиот државен буџет за 2024 година што е можност да притискаме за повеќе пари за борба против загадувањето на воздухот. И општинските буџети се во подготовка, па нивното вклучување во борбата против загадувањето мора да е насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти“, велат од „Шанса за Центар“.
И Граѓанската иницијатива Зелен хуман град, неодамна поднесе иницијатива до Град Скопје за намалување на аерозагадувањето во градот. Тие побараа јавен регистар на правни лица кои работат без Б-интегрирана дозвола, пет нови инспектори за животна средина и три возила за Инспекторатот, замена на начинот на греење на сите објекти кои се во сопственост или надлежност на Град Скопје и користат загадувачки горива, како и 10 градски биокомпостари. Тие предлагаат и субвенции за фотоволтаични системи и енергетски ефикасни фасади за индивидуални домаќинства, како и високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај.